ЗА ЕДНА НЕДЕЛА ЗА 30 ОТСТО ПАДНА БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ, ХОСПИТАЛИЗИРАНИ И ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19

    ЗА ЕДНА НЕДЕЛА ЗА 30 ОТСТО ПАДНА БРОЈОТ НА ЗАБОЛЕНИ, ХОСПИТАЛИЗИРАНИ И ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19Смртни случаи има 106 во 23 градови или за 27,9% помалку во однос на минатата недела. (Фото: СДК.МК)

    Пад од околу триесет проценти изминатата недела бележат бројките на зболени, реинфицирани, хоспитализирани и починати лица од ковид -19 во земјава во однос на претходната седмица, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за периодот од 14 до 20 февруари.

    Минатата недела биле регистрирани 6.119 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, со намалување од 29,2% во однос на неделата претходно. Процентот на позитивност се движи просечно 25,8%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Неготино, Скопје и Кавадарци.

    Биле пријавени 863 реинфекции, со намалување за 29,8% во однос на претходната недела. Смртни случаи има 106 во 23 градови или за 27,9% помалку во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје .

    Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. И понатаму, најзастапена е возрасната група лица над 60 години. Најмал број е регистриран кај децата до 9 години. Во однос на претходната недела, најзабележително намалување на заболени од од 31,5% има кај возрасната група од 20-29 години и 31,2% кај лицата на возраст од 50-59 години.

    Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 484 лица (30,8% помалку во споредба со претходна недела), од нив 297 се на кислородна поддршка (28,3% помалку во споредба со претходна недела), а 11 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (идентично во споредба со претходна недела).

    Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 8.797 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување.

    Кај заболените во земјава преовладува омикрон варијантата. Во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ од 49 позитивни примероци на ковид-19 од болнички и примероци од пунктовите, кај 29 (59,2%) од испитуваните примероци е докажана BA.1 сублинијата на омикрон. Кај останатите 20 (40,8%) BA.2 сублинијата на омикрон – позната уште и како стелт (stealth).

    Од појавата на болеста досега имало 293.559 позитивни случаи. Најголем дел од заболените регистрирани во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп, Тетово и Кавадарци, а највисок морбидитет е регистриран во Кавадарци. Највисок леталитет се регистрира во Струга, Крива Паланка и Дебар .

    Регистрирано е намалување на инциденцата во последните две недели во скоро сите градови, со најголемо намалување во Македонска Каменица. Зголемување се забележува во Дебар, Кичево и Велес.

    Во земјава досега се евидентирани 9.905 реинфекции, од кои кај 26 лица тоа биле реинфекции по втор пат. Од реинфекциите, 17 завршиле со смрт.

    Ж . ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира