Ако граѓаните имаат итно потреба да одат во болница за време на полицискиот час, нема потреба да се јавуваат во полиција или да бараат дозвола, кажа дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска.
„Граѓаните не може однапред да знаат дали ќе дојде до влошувањето на здравјето и поради тоа ќе имаат потреба да го напуштат домот. Граѓаните немаат потреба да се јавуваат на 192 или да бараат дозвола, туку доволно е да се упатат до најблиската болница и ако бидат сопрени од полициска патрола, доволно е само да кажат дека од здравствени причини се упатуваат до одредена локација и точно да кажат во која болница се упатуваат. Ќе бидат евидентирани, но ќе бидат пропуштени и не треба да стравуваат дека ќе бидат запрени, но полицијата ќе провери дали лицето навистина се упатило таму. Ако се утврди дека лицето е навистина во здравствена установа нема да има никакви реперкусии по лицето, ниту за враќање дома. Но, ќе има санкции ако има злоупотреби“, кажа Петровска, која заедно со министрите Дамјан Манчевски и Крешник Бектеши, денеска одговараше на прашања во врска со ограничувањето на движењето на граѓаните поради епидемијата на коронавирус.
За лицата кои одат заедно на работа, во автомобил не смеат да се возат повеќе од тројца патници, вклучително и возачот, и мора да носат на себе задолжителна заштитна опрема, маска и ракавици, кажа Петровска.
Министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски кажа дека ќе има организиран јавен превоз за здравствените работници за време на полицискиот час.