ЗА МАКЕДОНСКАТА ИДНИНА НЕ ОДЛУЧУВА ИВАНОВ ТУКУ ГРАЃАНИТЕ, РЕЧЕ ВЛАДАТА ОТКАКО ТОЈ НАЈАВИ ДЕКА НЕМА ДА ГО ПОТПИШЕ ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈА

    ЗА МАКЕДОНСКАТА ИДНИНА НЕ ОДЛУЧУВА ИВАНОВ ТУКУ ГРАЃАНИТЕ, РЕЧЕ ВЛАДАТА ОТКАКО ТОЈ НАЈАВИ ДЕКА НЕМА ДА ГО ПОТПИШЕ ДОГОВОРОТ СО ГРЦИЈАНаместо да ја кочи македонската иднина и да ја турка нашата земја во изолација, најдобро е Иванов сам себеси да се изолира од политичката сцена, реагира Владата на премиерот Зоран Заев (Фото: СДК.МК)

    За македонската иднина не одлучува Иванов, туку граѓаните, регира Владата на премиерот Зоран Заев откако претседателот вечерва најави дека дека нема да го потпише договорот за името со Грција по ратификацијата во македонскиот парламент. Иванов утринава ја прекина средбата со Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, а во попладневното обраќање рече дека „овој штетен договор претставува напуштање на досегашните суштествени позиции, неменување на Уставот и неприфаќање на име за севкупна употреба, т.е. ерга омнес… нема да легализирам политички дивоградби“.

    Владата на тоа соопшти дека дека претседателот Иванов „не успеа да се издигне над сопствената немоќ и да ја види перспективата што се отвора пред нашата држава со договорот што овие денови го финализираа и го договорија владите на Република Македонија и на Република Грција“ и го повика сам себеси да се изолира од политичката сцена.

    „Претседателот Иванов нема чувство на одговорност и презема дејства на недозволива манипулација, со што им штети на државата, на граѓаните и директно дејствува против јакнењето на македонскиот идентитет. Иванов не се залага за решенија и не работи за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ, а тоа за граѓаните се приоритети од највисок национален интерес. Наместо да ја кочи македонската иднина и да ја турка нашата земја во изолација, најдобро е Иванов сам себеси да се изолира од политичката сцена. Свои сме на своето и тоа конечно e признаено од сите наши соседи, од Република Грција и од меѓународната заедница. Со овој договор се потврдува и зајакнува македонскиот етнички и културен идентитет, еднаш засекогаш“, соопшти Владата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира