ЗА „МАКЕДОНСКО ДЕВОЈЧЕ, КУРВА ГОЛЕМА“ И „СМРТ ЗА ШИПТАРИ“ НА ТРИБИНИ, КАЗНИ ДО 30 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА КЛУБОВИТЕ

    ЗА „МАКЕДОНСКО ДЕВОЈЧЕ, КУРВА ГОЛЕМА“ И „СМРТ ЗА ШИПТАРИ“ НА ТРИБИНИ, КАЗНИ ДО 30 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА КЛУБОВИТЕСо предложените законски измени, драстично се намалуваат паричните казни за поседување или конзумирање на алкохолни пијалоци или опојни дроги, поседување на пиротехнички средства, оружје и други средства погодни за нанесување повреди и за предизвикување насилство од страна на навивачи кои доаѓаат на спортските натпревари. (архивска фотографија)

    Спортските клубови ќе го понесат товарот за насилства, транспаренти и песни и скандирања од страна на навивачите со новите измени на Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари со драстично зголемување на казните од 2.000 до 8.000 евра за клуб со такви навивачи.

    За пеење „Македонско девојче, курва голема“ или „За шиптари гасна комора“, кои се само дел од провокациите што може да се чујат од трибините особено на фудбалските натпревари, за сквернавење на името на Тоше Проески, за повикување на смрт за „шиптари“ или „каури“, отсега највисоките казни ќе ги сноси клубот чии навивачи пеат или дофрлуваат вакви текстови.

    За да не бидат казнети клубовите, мора со поставување одговорно лице на натпреварот и со други акции што стриктно ги наведува законот, да спречи да дојде до недостојно однесување и насилство од страна на своите навивачи.

    Но овојпат, казните ќе тргнуваат од спортската федерација.

    Па така на пример, ако Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), навреме, односно во рок од 48 часа пред почетокот на натпреварот не утврди дека ќе се одржи спортски натпревар со зголемен ризик и не ги извести МВР и спортските клубови – учесници на натпреварот, ќе плати парична казна до 8.000 евра.

    Досегашната максимална казна за федерациите беше само 2.000 евра за нивната мрзеливост и незаинтересираност.

    Глоба до 8.000 евра ќе се изрече за прекршок на гостинскиот спортски клуб, ако во рок од 72 часа не ја извести надлежната национална спортска федерација и организаторот (домаќинот) на натпреварот дека организирано доаѓаат неговите навивачи и ако не преземе мерки навивачите и клубот да не предизвикаат насилство и недостојно да се однесуваат на натпреварот.

    Под насилство и недостојно однесување на спортските натпревари се смета и „пеење песни или дофрлување на пораки кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врз основа на расна, национална и верска припадност или врз основа на други особини“.

    Гостинскиот клуб на натпревар со висок ризик ќе плати казна од 500 до 8.000 евра и ако 72 часа пред натпреварот не го извести домаќинот дека организирано доаѓаат неговите навивачи, ако не ја утврди маршрутата на нивното движење за која претходно го информирал и МВР и ако не спречи недостојно однесување.

    Ако организаторот (домаќинот) на натпреварот не одреди одговорно лице кое ќе води сметка да нема насилство, навредливи навивачки песни и транспаренти, палење на знамиња, и кое ќе води сметка да нема поттикнување на физичко насилство, фрлање на предмети кон играчите, кон судиите… ќе се казни од 500 до 7.000 евра.

    Од 2.000 евра скока казната на 7.000 евра и ако домаќинот не постапи по насоките на МВР и не ги отстрани недостатоците што ги констатирало 24 часа пред почетокот на натпреварот со висок ризик.

    Ако полицијата утврдила дека има опасност од недостојно однесување на навивачите, пеење песни со текст со омраза, вулгарност, навреди на верска и национална основа, организаторот мора да презеде мерки тоа да го спречи за да не добие казна од 500 до 7.000 евра.

    Значи, на еден натпревар на кој има насилство и недостојно однесување со скандирање на опасните пораки, и уште ако тоа се прави од навивачите на двата тима, МВР само на клубовите може по наведените основи да напише казни до 30.000 евра. (2 пати по 7.000 и два по 8.000 евра).

    Но, она што загрижува е што истовремено, со предложените измени, драстично се намалуваат паричните казни за поседување или конзумирање на алкохолни пијалоци или опојни дроги, поседување на пиротехнички средства, оружје и други средства погодни за нанесување повреди и за предизвикување насилство од страна на навивачи кои доаѓаат на спортските натпревари.

    Од сегашните 500 евра, казната за вооружените навивачи се спушта од 150 до 200 евра.

    Тука предлагачот на измените вели дека се врши усогласување со Законот за прекршоци, каде прекршочните казни неодамна драстично се намалија.

    Казната за навивач кој ќе пее песна на трибина која поттикнува омраза или насилство од верски, расни и националистички побуди, или кој ќе внесе и истакне транспарент, знамиња и други предмети со текст, слика и знак со таква содржина, ќе изнесува од 200 до 250 евра.( Досега оваа казна по лице беше од 600 до 1.000 евра).

    Сега помалку ќе се казнува и фрлањето предмети во спортскиот терен или во гледалиштето (трибините). Сегашната пропишана казна од 500 до 1.000 евра, се спушта од 180 до 250 евра по лице кое од трибина фрлило предмет на терен.

    Со измените, кои се во второ читање во Собранието, највисоките парични казни одат за клубовите и за федерациите. Фудбалските навивачи со кои разговаравме велат дека ова се превисоки казни за клубовите, кои и онака се „утепани“ со финансиски средства.

    Но, МВР кое е предлагач на измените во казнувањето, смета дека клубовите и федерациите се најодговорни за срамното однесување на навивачките групи последниве години и им дава овластување и казни, ако не си ги средат навивачите кои се сè повулгарни и пофашизоидни.

    Омразата меѓу навивачите се пренесува и надвор од трибините. Од таа причина на трети јули 2018 година тројца навивачи го претепаа и го комираа ривалот Никола Саздовски – Саздо (20), кому по 6 дена му беше констатирана мозочна смрт.

    Тројца негови врсници се осудени на 16-годишни затворски казни.

    Во меѓувреме, некои навивачи уште извикуваат: „мртов шиптар, добар шиптар“ и „уби, уби каура“. На 20 септември лани во Ѓорче Петров беше скандиран ваков говор на омраза додека поминуваше свадбена поворка со албански знамиња. Од безбедносните камери, МВР тогаш идентификуваше и казни 16 скандирачи.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира