ЗА НАД 4 ОТСТО Е НАМАЛЕН БРОЈОТ НА ЖРТВИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, НАЈПРИЈАВУВАНА Е ПСИХОЛОШКАТА ТОРТУРА

    ЗА НАД 4 ОТСТО Е НАМАЛЕН БРОЈОТ НА ЖРТВИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, НАЈПРИЈАВУВАНА Е ПСИХОЛОШКАТА ТОРТУРАНајпријавувано е психолошкото па физичкото насилство, има шест случаи на сексуално насилство, како и економско насилство. (Фото: К. Попов)

    За 4,3 проценти е намален бројот на жртви на семејно насилство во 2022 во споредба со 2021, кажа денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. Според податоците од 30-те центри за социјална работа, новоевидентирани жртви на семејно насилство за 2022 се 1.543 лица, од кои најголем дел се жени – 1.074, мажи – 252 и 227 деца. За споредба, во 2021, бројот на жртви на семејно насилство бил 1. 608.

    Најголем број на жртви, има во Скопскиот Регион, односно 530 жртви, а најмалку во Североисточниот Регион, 60. По Скопскиот, најголем број жртви има во Пелагонискиот Регион, односно 241 жртва.

    Најпријавувано е психолошкото насилство, потоа физичко насилство, има шест случаи на сексуално насилство, како и економско насилство.

    „Во делот на типот на насилството најголем дел од жртвите биле жртви на психолошко насилство – 1.051 жртва, после психолошкото насилство доаѓа физичкото насилство со 846 жртви. Имаме пријава на сексуално насилство од страна на шест жртви и 25 жртви се жртви на економското насилство“, кажа министерката.

    Како сторители на семејно насилство се евидентирани 1.382 лица, од кои најголем дел се мажи, односно 1.258, а 114 се жени.

    Од центрите за социјална работа до граѓанските судови се поднесени 2.095 барања за привремени мерки за заштита на жртвите на насилство, а од  граѓанските судови се изречени 1.823 привремени мерки за заштита.

    „Во сите плански региони имаме отворени советувалишта за жртви на насилство, имаме отворено советувалиште за насилници и имаме отворено шелтер центри за сместување на жртви на насилство. Во 2022 година имаме 83 жртви коишто се сместени во шелтер центри во државата“, додаде Тренчевска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира