ЗА ОВА ВО ЗАТВОР СЕ ОДИ, ВЕЛИ ЈАНКУЛОСКА ЗА МЕСТЕНКА НА АНТОНИЈО МИЛОШОСКИ ВО БОМБИТЕ ЗА „ТИТАНИК“

    ЗА ОВА ВО ЗАТВОР СЕ ОДИ, ВЕЛИ ЈАНКУЛОСКА ЗА МЕСТЕНКА НА АНТОНИЈО МИЛОШОСКИ ВО БОМБИТЕ ЗА „ТИТАНИК“Милошоски пред локалните избори во 2013, според она што му го кажува Јанкулоска на тогашниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, ѝ предложил на Јанкулоска со локални членови на партијата на кичевчанец да му подметнат дома еден куп лични карти, кои веќе ги имал обезбедено. На Јанкулоска ѝ кажал дека таа само требало да прати екипи од МВР и да го апсат човекот

    Во една од последните околу 130 прислушувани разговори кои беа пуштени денеска во Основниот суд Скопје 1 за големиот случај на СЈО „Титаник“, за злосторничко здружување и повеќе изборни нерегуларности во врска со изборите во 2013 година, тогашната министерка Гордана Јанкулоска зборува за монструозен план на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ со неколку мандати Антонијо Милошоски.

    Милошоски, според она што му го кажува Јанкулоска на тогашниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, ѝ предложил на Јанкулоска со локални членови на партијата на кичевчанец да му подметнат дома еден куп лични карти, кои веќе ги имал обезбедено. На Јанкулоска ѝ кажал дека таа само требало да прати екипи од МВР и да го апсат човекот.

    „Не можеш бе Кире, така да правиш. Кој сака нека è, и Циган и Шиптар последен, на душа ќе го носиш. За ова во затвор се оди. Не можеш вака со местенки, со претреси по дома. Да го наместиш некого за некоја твоја претпоставена работа, не е во ред. Утре оружје таму ќе бараме, судот наредба нема да ни даде“, вчудовидена од Милошоски му се доверува Јанкулоска на  Божиновски по телефон. Овој се согласуваше со неа.

    Потоа Гордана зборува за помеки притисоци и му кажува на Кирил:

    „Знаеш, индијанскиве работи се прават на молкот. Треба со усул да ги правиме работиве“, со што соговорникот пак се согласува.

    Антонијо Милошоски се нуди и за помагање на организираниот превоз на гласачи наши државјани на работа во Италија за локалните избори, истото што го правеше и ДУИ во Кичево. Едвај го добива Јанакиески, а овој неволно зборува со него со „да“ и со „не“.

    „Министре, Антонијо Милошоски пратеникот ве бара“, вели секретарката. Миле молчи, не реагира. Молчи и секретарката, која е на линија, па по извесно време прашува:„Да ве поврзам со Антонијо?“ Миле по некое време одобрува.

    „Кај си бе министре, побрзо Бан Ки-мун ќе го добиев. Порано ми се јавуваше, сега ич к.. не те боли за мене“, на што Јанакиески целосно одмолче и му одговори кусо само за начинот на плаќањето на автобусите од Италија.

    Судењето со преслушување на бомбите за „Титаник“ продолжува на 5 октомври.

    Во „Титаник“ за изборни нерегуларности се обвинети 21 лице, на чело со експремиерот Никола Груевски, вклучувајќи и половина од поранешното највисоко раководство на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира