За сите балкански земји, коренот на сите балкански проблеми лежи во однесувањето на западните сили, особено за државите од поранешните југословенски држави, кажа рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, на денешната прес-конференција на маргините на самитот на ОБСЕ во Скопје.
„Не сум голем експерт за македонско-бугарските односи, можам само да кажам дека луѓето во Македонија имаат целосно право да бидат еднакви во сите активности на нашиот заеднички континент. И не само за односите меѓу Бугарија и Македонија, туку за сите балкански земји, би рекол дека коренот на сите балкански проблеми лежи во однесувањето на западните сили, особено за државите од поранешните југословенски држави. Се сеќавам дека со години Македонија беше нарекувана Поранешна југословенска Република Македонија и ова беше понижувачко име, а знаеме и што се случи со името Северна Македонија“, рече Лавров, одговарајќи на новинарско прашање дали има руска позадина бугарската агресија кон Македонија.
Лавров додаде дека Западот отсекогаш имал интерес да ги подбуцнува народите едни против други.
„Уверен сум дека народите на Балканскиот Полуoстров минаа тешки историски премрежја, имаат заеднички код и не смеат да бидат поразени и да му дозволат на Западот да станат непријатели едни со други“, кажа Лавров.
Тој кажа дека заминувањето на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и Високиот претставник на ЕУ Жосеп Борел пред неговото пристигнување во Скопје било со цел да се изолира Русија.
Лавров смета дека нема шанса за спас на ОБСЕ.
„Организацијата се претвори во нешто, кон што сум индиферентен. Индиферентен сум за исходот од денешната сесија“, изјави Лавров.