Вeрбалниот инцидент силно го осудуваме, а однесувањето на работникот ќе биде предмет на проверка и потенцијална дисциплинска постапка, стои во писменото соопштение на Македонски енергетски ресурси (МЕР) откако утрово активисти на граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ изјавија дека еден од работниците дал наредба со багер да ги прегазат зашто ја попречувале работата.
„Откако беа почнати градежните работи на теренот се појавиле неколку граѓани кои на мирен начин застанале во близина на механизацијата. Градежните машини веднаш ги запреле активностите, после што еден од работниците започнал вербална расправа со активистите. Напоменуваме дека вербалниот инцидент кој го предизвикал работникот не е политика на однесување на МЕР и се коси со протоколите за работа. Вeрбалниот инцидент силно го осудуваме, а однесувањето на работникот ќе биде предмет на
проверка и потенцијална дисциплинска постапка“, велат од МЕР и додаваат дека изразуваат подготвеност да ги продолжат разговорите со еко-здруженијата.
Како одговор на барањата на активистите да им бидат дадени дозволите за изведување на градежни работи од МЕР велат активностите се на потег на кој не е предвидена измена на траса, потег за кој е добиено одобрението за градба и на кој нема дрвна маса.
А. АНТЕВСКА