САКАА ДА НЕ ПРЕГАЗАТ СО БАГЕРИТЕ, ВЕЛАТ ОД „ГО САКАМ ВОДНО“ КОИ ДЕНЕСКА СО ЖИВ ШТИТ ГО БРАНЕА ВОДНО ОД ИЗГРАДБАТА НА ГАСОВОДОТ

    САКАА ДА НЕ ПРЕГАЗАТ СО БАГЕРИТЕ, ВЕЛАТ ОД „ГО САКАМ ВОДНО“ КОИ ДЕНЕСКА СО ЖИВ ШТИТ ГО БРАНЕА ВОДНО ОД ИЗГРАДБАТА НА ГАСОВОДОТ„Немаат никакво право да не спречат да протестираме и да блокираме. Најпрво почнаа со навреди и обвинувања дека сме партиски војници, а потоа шефот им нареди на работници со багерот да тргнат и преку нас. Но тој го изгаси багерот и му рече дека нема да оди преку живи луѓе“, пишуваат на социјалните мрежи активистите од „Го сакам Водно“ (Фото: Фејсбук)

    Активисти од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ од утрово со жив штит го бранат Водно од багерите кои веќе неколку дена работат на трасата за изградба на гасоводот. Активистите велат дека работниците и луѓето кои им се шефови на најгруб начин се обидуваат да ги отстранат од местото каде багерите треба да работат, па дури се обиделе и да ги прегазат.

    „Немаат никакво право да нè спречат да протестираме и да блокираме. Најпрво почнаа со навреди и обвинувања дека сме партиски војници, а потоа шефот им нареди на работници со багерот да тргнат и преку нас. Но тој го изгаси багерот и му рече дека нема да оди преку живи луѓе“, пишуваат на социјалните мрежи активистите од „Го сакам Водно“ кои се на Водно и споделуваат видеа од местото каде не дозволуваат багерите да го расчистуваат теренот.

    Од граѓанската иницијатива велат дека побарале од претставниците на Македонски енергетски ресурси (МЕР) кои биле на местото каде се вршат градежните работи да им ги приложат дозволите за работа.

    „Побаравме да ни покажат дозвола од Град Скопје за сеча на дрвјата и градежна дозвола од Министерство за транспорт и врски за променета траса. Теренот не е обележан, нигде нема информативна табла, ниту просторот е зашттен и соодветно ограден“, велат од „Го сакам Водно“.

    Директорот на МЕР Бајрам Реџепи не одговори на нашето прашање дали ги имаат сите потребни дозволи за работа и зошто луѓето кои се ангажирани од нив за изведување на градежните работи ги спречувале активистите да протестиираат.

    „На состанок сум, ќе ве барам подоцна“, ни рече кусо Реџепи.

    На 22 август на заедничка прес-конференција директорот на МЕР Реџепи, заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов рекоа дека гасоводот мора и ќе се гради низ јужната страна на Водно, ветувајќи дека потоа целиот простор повторно ќе биде пошумен и дека за пишумување ќе одвојат 700.000 евра. Реџепи тогаш рече дека е невозможно да се прифати барањето на невладините организации за преселба на трасата на Скопска Црна Гора.

    „Тоа е невозможно во оваа фаза. Тоа решение не би било добро од еколошки аспект. Таму би се сечеле дури и повеќе дрвја и гасоводот би поминувал преку ерозивен терен и низ густо населени места и би се вкрстувал со главниот извор на водоснабдување на Скопје. Тоа би значело и одложување на гасификацијата за пет години“, кажа директорот на МЕР Реџепи.

    По оваа прес-конференција од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ ги повикаа Реџепи, Макрадули и Шилегов на јавна дебата, но како што велат од „Го сакам Водно“ ниту еден од повиканите не одговорил на нивната покана.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари