ЗАДОЛЖИТЕЛНИТЕ ПОТВРДИ ЗА ПРИМЕНИ ВАКЦИНИ ЗА УПИС ВО ГРАДИНКА И ВО УЧИЛИШТЕ СЕ ИЗДАВААТ БЕСПЛАТНО ВО ЗДРАВСТВЕНИТЕ ДОМОВИ

    ЗАДОЛЖИТЕЛНИТЕ ПОТВРДИ ЗА ПРИМЕНИ ВАКЦИНИ ЗА УПИС ВО ГРАДИНКА И ВО УЧИЛИШТЕ СЕ ИЗДАВААТ БЕСПЛАТНО ВО ЗДРАВСТВЕНИТЕ ДОМОВИЗдравствените установи не смеат да издаваат потврди ако детето не ги примило задолжителните вакцини, велат од Министерството за здравство (Фото: СДК.МК)

    При запишување на децата во градинка и во училиште, родителот треба задолжително да достави потврда дека детето ги примило сите вакцини предвидени според календарот за вакцинација, а потврдите бесплатно се издаваат во вакциналните пунктови на здравствените домови. Министерството за здравство соопшти дека ова е предвидено со измените на Правилникот за педагошка документација во детските градинки, како и во Законот за основно образование.

    „Во Службен весник број 85, објавен на 30 април годинава објавени се измените и дополнувањата на Правилникот за водење на педагошката документација и евиденција во детска градинка и центар за ран детски развој, кои ги донесе Министерството за труд и социјална политика, со кој сега се прецизира дека при упис на дете во градинка, задолжително се приложува потврда за неговиот вакцинален статус, и без оваа потврда детето не може да биде запишано во предучилишна установа“, вели Министерството за здравство.

    Од Министерството за здравство напоменуваат дека во потврдата треба да стои дека детето ги примило сите вакцини предвидени со вакциналниот календар.

    Истата обврска, според Министерството за здравство ја имат и родителите кои од денес до крајот на месецот ќе сакаат да ги запишат децата во прво одделение во основните училишта и тоа е предвидено со член 46 став 2 од Законот за основно образование.

    „Здравствените установи не смеат да издаваат потврди ако детето не ги примило задолжителните вакцини. На територијата на Република Северна Македонија во моментов е прогласена епидемија на морбили. Воедно потсетуваме дека е задолжително вакцинирањето со МРП вакцина, како и останатите вакцини предвидени според вакциналниот календар“, велат од Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира