Лидерот на СДСМ Зоран Заев со 67 пратенички потписи в понеделник ќе оди кај претседателот Ѓорге Иванов да побара мандат за влада.
Централниот одбор на партијата вчера со акламација донесе одлука Зоран Заев да биде мандатар за состав на новата Влада. Извори од ДУИ и од СДСM за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека потписите ДУИ претходно ги имал депонирано кај СДСМ, но потписите не биле никаков проблем, само формалност, битна била содржината на меѓусебниот договор.
Покрај 10-те потписи од ДУИ, Заев ќе добие и 5 од БЕСА и 3 од Алијанса за Албанците
Со неговото утврдување за мандатар за Влада, Заев доби поддршка и овластување од Централниот одбор да влезе во преговори за владината програма и за новиот владин состав.
„Чест е, моја и на СДСМ, што по скоро 11 години режим, добиваме можност да ја формираме новата демократска Влада на Република Македонија. Нашите цврсти определби се тоа да биде реформска Влада во којашто приоритет број еден се интересите на граѓаните на Македонија. Рековме дека секој граѓанин е во центарот на нашето внимание. Се определивме за квалитетен живот на сите граѓани, во едно праведно и правично општество за сите и сѐ што правевме досега во оваа фаза на обезбедување на парламентарното мнозинство, беше водејќи се исклучиво од тој интерес на граѓаните, согласно Уставот на Македонија“, рече Заев на седницата, според партиското соопштение.
Пратеникот Артан Груби изјави дека за ДУИ секогаш значајна била содржината а не формата.
„Значајно за нас е да ги исполниме барањата и очекувањата на Албанците, додека учеството во Влада или поддржување малцинска влада ќе се разгледува дополнително, затоа што првенствено и најбитно за нас беше да се постигнат албанските барања како апсолутен предуслов“, напиша Груби на својот фејсбук профил.
Откако ДУИ ги даде потписите за добивање мандат за формирање влада, портпаролот на партијата Бујар Османи завчера изјави дека давањето потписи е да се запази рокот за локалните избори, но тоа сè уште не значи дека ДУИ ќе учествува во владата.