ЗАЕВ И БОРИСОВ ЗАЕДНО СЕ ПОКЛОНИЈА НА ГРОБОТ НА СВЕТИ КИРИЛ ВО РИМ

    ЗАЕВ И БОРИСОВ ЗАЕДНО СЕ ПОКЛОНИЈА НА ГРОБОТ НА СВЕТИ КИРИЛ ВО РИМЗаев и Борисов учествуваа на молебенот и полагањето венец на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим.(Фото: Влада)

    Премиерот Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов денеска во Рим заедно го посетија гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“. Заев и Борисов учествуваа на молебенот и полагањето на венец на гробот на Свети Кирил. Црковната служба на Македонската православна црква, молебен во чест на Свети Кирил, ја водеше митрополит европски Пимен, заедно со митрополит кумановски и осоговски Јосиф, и митрополит тетовски и гостиварски Јосиф.

    „Со заедничките активности за одбележување светите браќа Кирил и Методиј, ние го потврдуваме нашето искрено пријателство и заедно до целиот свет ја испраќаме хуманата порака на мисијата на Свети Кирил и Методиј, а тоа е порака за дијалог и меѓусебно разбирање. Мисијата на светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите. Во тој дух ние денеска можеме да кажеме дека Република Македонија го чува и го негува делото на светите браќа, заедно со сите народи, заедно со народот на Република Бугарија, кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство“, рече премиерот Заев.

    Македонската делегација предводена од премиерот Заев, министерот  за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за култура во заминување Роберт Алаѓозовски положи цвеќе на спомен плочата од папата Адријан Втори во базиликата „Санта Марија Маџоре“.

    Како што беше најавено од Владата, македонската делегација ќе положи венци и на споменикот на Свети Кирил и Методиј во амбасадата на Република Бугарија, каде двајцата премиери ќе ручаат заедно.

    Утре премиерот Заев и македонската владина делегација ќе бидат на аудиенција кај папата Фрањо во Апостолската палата во Ватикан, а потоа Заев ќе се сретне со државниот секретар на Светата столица, кардинал Пјетро Паролин.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира