Централниот одбор на СДСМ денеска предложил и донесе одлука претседателот на партијата и премиер Зоран Заев да не поднесува оставка од функцијата додека не се реши состојбата во која се наоѓа државата во моментов. По завршувањето на седницата, прес-конференција одржа членот на Централниот одбор и градоначалник на Валандово Перо Костадинов, кој кажа дека оставката на Заев е одложена за неодредено време.
„Беше отворена плодна дискусија, во која членовите на Централниот одбор имајќи ги предвид случувањата во државата и моментумот во кој се наоѓаме, му препорачаа и едногласно донесоа одлука претседателот на партијата и премиерот Зоран Заев да ја одложи оставката на неодредено време, додека овие процеси не се нормализираат и да работи на тој план. Државата после многу години режим продолжува да се гради според демократски вредности и затоа се исправува на висина на таа задача, и во наредниот период ќе работи за интересите и да се спречи нова криза и ретроградни процеси“, рече Костадинов.
Тој не сакаше да го коментира најновиот развој на настаните со тоа што пратеникот од Алтернатива Скендер Реџепи ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ заедно со 19 нивни пратеници утре да поднесе нова иницијатива за доверба на владата во Собранието. Костадинов рече дека разговорите во партијата продолжуваат на сите релевантни теми.
Ако ВМРО-ДМПНЕ со Реџепи поднесат нова инцијатива, редоследот би бил најпрво утре да биде повлечена првата иницијатива за доверба на Владата поднесена вчера со потписи од 61 пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алијанса, Алтернатива и Левица, а за која требаше да се гласа на седницата в четврток. Евентуалната нова иницијатива би била на седница в сабота.
Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев по поразот на локалните избори на 31 октомври изјави дека поднесува оставка од двете функции.
А. АНТЕВСКА