Делегацијата на Владата на Република Македонија предводена од премиерот Зоран Заев со глисер се упати кон грчкиот дел во Преспа, каде утрово на свечената цермонија ќе се потпише конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство.
Во македонската делегација покрај Заев се: министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, министерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Тие ќе пристигнат во Псарадес (Нивици), на грчката страна, каде што ќе бидат пречекани од премиерот на Република Грција Алексис Ципрас и од грчката владина делегација.
Таму министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Република Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас ќе го потпишат договорот, заедно со медијаторот во преговорите, амбасадорот Метју Нимиц. На делот од заедничкиот настан на свечената церемонија во Република Грција ќе говорат премиерите Заев и Ципрас.
Официјалната средба на двете делегации потоа ќе продолжи на македонската страна во Отешево, каде што двете делегации ќе имаат билатерален разговор и свечен ручек.