Претседателот на СДСМ Зоран Заев го повика Ѓорѓе Иванов да ја почитува мнозинската волја на граѓаните што е преточена во 67 мандати и да ја повлече одлуката да не го дава мандатот и повика на смиреност.
„Ѓорге Иванов изврши државен удар. Прави уставна криза со негирање на волјата на граѓаните и спречува мирна транзиција на власта“, изјави Заев.
Тој го обвини Иванов дека „уште еднаш се стави во улога на заштитник и соучесник на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ“.
„СДСМ и јас нема да дозволиме никој да си игра со иднината на државата за лични и криминални цели“ рече Заев и ги повика граѓаните да не подлегнуваат на никакви провокации.
„Да останеме смирени на линија на демократските процеси кои водат кон формирање на реформска влада“, рече Заев и потсети дека „ова што се случува сега сме го виделе порано“.
„Груевски тоне, но нема да дозволиме да ја потоне и нашата Македонија“, рече лидерот на СДСМ и го повика Иванов да ја повлече одлуката и да не ја негира волјата на мнозинството граѓани преточена во 67 мандати во Парламентот.