ЗАЕВ ГО ЗАДОЛЖИ ФИЛИПЧЕ ДА ГИ СОБЕРЕ РОДИТЕЛИТЕ КОИ ОДБИВААТ ВАКЦИНАЦИЈА И ДА ИМ ПРЕЗЕНТИРА МЕДИЦИНСКИ ФАКТИ

    ЗАЕВ ГО ЗАДОЛЖИ ФИЛИПЧЕ ДА ГИ СОБЕРЕ РОДИТЕЛИТЕ КОИ ОДБИВААТ ВАКЦИНАЦИЈА И ДА ИМ ПРЕЗЕНТИРА МЕДИЦИНСКИ ФАКТИПремиерот на средбата со министрите рекол дека одлуката на Владата да прогласи епидемија на мали сипаници на територијата на целата земја и да се спроведе вонредна вакцинација е донесена врз основа на научни факти и мислења на експерти, според кои во услови на намален колективен имунитет и пораст на бројот на заболени, единствен начин да се сузбие епидемијата е да се спроведе вакцинација во и надвор од здравствените установи. (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Зоран Заев го задолжи Министерството за здравство да ги собере на голема презентација и дискусија родителите кои одбиваат да ги вакцинираат децата и кои сметаат дека вакцинацијата не треба да биде задолжителна туку по избор на родителот.

    „Владата постои за граѓаните, но моја законска обврска е да ги слушам експертите, стручните анализи. Го задолжувам министерот за здравство да ве собере на голема презентација и дискусија, на која што пред сите ќе се презентираат медицинските факти и секој ќе може да каже мислење. Наша цел е здравје за децата и граѓаните“, рече Заев.

    Владата соопшти дека премиерот донел ваков заклучок по вчерашната средба со министрите за здравство образование, труд и социјална политика и правда Венко Филипче, Арбер Адеми, Мила Царовска и Рената Дескоска и група родители, кои што не сакаат нивните деца да ја примат вакцината за заштита од вирусите на морбили, рубеола и паротит или МРП вакцина.

    Од Владата велат дека премиерот на средбата истакнал дека одлуката на Владата да прогласи епидемија на мали сипаници на територијата на целата земја и да се спроведе вонредна вакцинација е донесена врз основа на научни факти и мислења на експерти, според кои во услови на намален колективен имунитет и пораст на бројот на заболени, единствен начин да се сузбие епидемијата е да се спроведе вакцинација во и надвор од здравствените установи.

    „Родителите изразија став на несогласување за обврската нивните деца да ја примат вакцината и рекоа дека очекуваат тие да посетуваат градинка и да бидат запишани во училиште. Според родителите вакцинацијата треба да биде право на избор на претходно информиран родител“, велат од владата.

    Од владата велат дека министерот Филипче на средбата посочил дека освен со законски норми, во услови на епидемија, вакцинацијата е задолжителна за сите невакцинирани лица, без разлика дали станува збор за деца или за возрасни.

    „Министерот истакна дека фактот што во градинка не одат невакцинирани деца дава резултати во справување со епидемијата на морбили“, велат од владата.

    Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) пред два дена информираше дека 1.000 родители одбиваат да ги вакцинираат децата и дека повеќето од половината се од Скопје. Инспекторатот најави дека ќе ги повикува родителите на порамнување, но напомнаа дека плаќањето казна не ги амнестира од обврската да ги вакцинираат децата. Според податоците од ДСЗИ повеќето пријави за одбивање вакцинација се за МРП вакцината.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари