ЗАЕВ И ПЕТОРКАТА ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН НА ИТЕН СОСТАНОК СО МЕРКЕЛ И МАКРОН ВО БЕРЛИН

    ЗАЕВ И ПЕТОРКАТА ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН НА ИТЕН СОСТАНОК СО МЕРКЕЛ И МАКРОН ВО БЕРЛИНЛидерите од Западен Балкан со британската премиерка Тереза Меј и германската канцеларка Ангела Меркал на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Лондон во јули 2018. (Фото: Влада)

    Премиерот Зоран Заев и другите лидери на земјите од Западен Балкан попладнево во Берлин ќе имаат итен состанок со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. Присуството на Заев во Берлин го потврдија од македонската влада и најавија дека тој ќе има средби со Меркел и Макрон.

    Покрај Заев, во Берлин ќе бидат Александар Вучиќ од Србија, Еди Рама од Албанија, Хашим Тачи од Косово, Мило Ѓукановиќ и Црна Гора и Денис Звиздиќ од БиХ. На состанокот се поканети и премиерите на Словенија и Хрватска, Марјан Шарец и Андреј Пленковиќ, а како гостинка ќе присуствува и Високата претставничка на ЕУ за безбедност и надворешна политика Федерика Могерини.

    Состанокот во Берлин, кој не е дел од Берлинскиот процес, е нова иницијатива на Меркел и Макрон. Иако станува збор за регионален настан, домаќините не кријат дека односите меѓу Србија и Косово ќе бидат главна тема. Состанокот во Берлин се случува по подолга блокада во дијалогот меѓу Белград и Приштина, откако Косово воведе царина од 100% на српските производи во ноември. Србија инсистира дека нема да продолжи со разговорите сѐ додека не бидат укинат царините, но досега никој не успеа да ги убеди властите во Косово да ја повлечат одлуката.

    Проблеми има и во другите држави во регионот. Се протестира против Мило Ѓукановиќ во Црна Гора и против Еди Рама во Албанија, и како што пишуваат медиумите од регионот, единствена светла точка е Северна Македонија, која го потпиша пристапниот протокол за членство во НАТО и чека повик за почнување на преговорите за членство во ЕУ.

    Се очекува во Берлин Меркел и Макрон уште еднаш да ѝ честитаат на Северна Македонија за Договорот од Преспа со Грција и да го претстават како пример за решавање на тешки проблеми.

    „Стабилноста на регионот е од голема важност за канцеларката Меркел и претседателот Макрон. Двајцата имаат намера да разговараат со повиканите за предизвиците со кои се соочува регионот, пред сѐ за односите меѓу Србија и Косово“, соопштија од кабинетот на Меркел во најавата на состанокот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира