ЗАЕВ ИЗБРА ИМЕ, ДВЕТЕ СТРАНИ ЌЕ БИДАТ ПОБЕДНИЦИ СО ДОГОВОРОТ, ВЕЛИ КОЅИЈАС

    ЗАЕВ ИЗБРА ИМЕ, ДВЕТЕ СТРАНИ ЌЕ БИДАТ ПОБЕДНИЦИ СО ДОГОВОРОТ, ВЕЛИ КОЅИЈАСКоѕијас очекува со денешниот телефонски разговор меѓу двајцата премиери преговорите да бидат комплетирани. - Заев и Коѕијас за време на посетата на грчкиот министер за надворешни работи на Скопје во март (Фото: СДК.МК)

    Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас кажа дека македонскиот премиер Зоран Заев избрал кое име го сака од трите предлози на посредникот Метју Нимиц – Северна, Горна и Нова Македонија, но не прецизираше за кој предлог конкретно станува збор. Коѕијас вчера имаше интервју за грчката телевизија „Контра“ по телефонскиот разговор меѓу премиерите Заев и Алексис Ципрас.

    Тој вели дека очекува со денешниот телефонски разговор меѓу двајцата премиери преговорите да бидат комплетирани и да се постигне одржлив договор со Македонија со кој двете страни ќе бидат победници и тоа, според него, ќе биде договор кој ќе го издржи тестот на времето.

    За јазикот и идентитетот, Коѕијас рече дека „одредницата и самоопределувањето постојат, македонскиот јазик постои од 1977 во ОН“, но дека во договорот ќе биде наведено дека јазикот нема никаква врска со античка Македонија и дека тој јазик припаѓа на словенската фамилија јазици.

    За евроатлантските интеграции на Македонија, Коѕијас рече дека со ратификуван договор во Собранието, Грција ќе даде зелено светло на Самитот на министри за надворешни работи на ЕУ на 25 јуни, а ако сè оди според планираното НАТО ќе достави покана за членство на нашата земја на Самитот на 11 и 12 јули.

    „Штом го имаме ратификувано договорот, да се надеваме дека ќе го имаме, од нивното Собрание, како ратификувани и прашањата што ги имаме со Албанија, ние со големо задоволство ќе дадеме ’ок‘ за да тргнат по нивниот европскиот пат. Секако, доколку ги имаме навистина решено сите проблеми, се надевам дека утре ќе завршиме, ние треба да помогнеме и да ги поддржиме овие земји на нивниот европски пат, рече Коѕијас.

    Премиерот Зоран Заев синоќа во емисијата „Топ тема на ваша страна“ на телевизија „Телма“ рече дека се надева на денешниот телефонски договор со неговиот колега Алексис Ципрас да се најде решение за спорот со името. Тој кажа дека е оптимист и дека најверојатно тој негов оптимизам ќе се оствари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира