ЗАЕВ ЌЕ ГИ УБЕДУВА ПРАТЕНИЦИТЕ НА ГРУЕВСКИ ДА ГЛАСААТ ЗА СПЕЦИЈАЛНО СУДСКО ОДДЕЛЕНИЕ

    ЗАЕВ ЌЕ ГИ УБЕДУВА ПРАТЕНИЦИТЕ НА ГРУЕВСКИ ДА ГЛАСААТ ЗА СПЕЦИЈАЛНО СУДСКО ОДДЕЛЕНИЕЗаев ќе се обиде да го обезбеди двотретинското мнозинство на ист начин како што во 2007 година и Никола Груевски ги убеди пратениците на тогаш опозицискиот СДСМ да гласаат за реформите со кои се формираше Судскиот совет, Одделенијата за кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција во Јавното обвинителство и во Основниот суд Скопје 1, т.е. за целиот пакет судски реформи. - Заев на собраниската говорница (Фото: СДК.МК)

    Реформите во судството ќе почнат со формирање специјализирано одделение за предметите што ги води Специјалното обвинителство во Основниот суд Скопје 1. Владата ќе отвора дијалог во парламентот заради обезбедување двотретинско мнозинство за измена на законот за судови со која ќе се овозможи формирање на специјализирано одделение во судот за постапување по предметите кои се во надлежност на Специјалното јавно обвинителство, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Според нашите извори од Министерството за правда, каде што е работната група која ќе раководи со судските реформи од владиниот план 3-6-9, основањето специјално судско одделение ќе биде првата работа за која премиерот Зоран Заев и Владата ќе бараат широка поддршка од пратениците. Без обезбедување двотретинско мнозинство за измена на Законот за судови, ниту оваа, ниту останатите најбитни судски реформи, Заев нема да може да ги спроведе.

    Заев ќе се обиде да го обезбеди двотретинското мнозинство на ист начин како што во 2007 година и Никола Груевски ги убеди пратениците на тогаш опозицискиот СДСМ да гласаат за реформите со кои се формираше Судскиот совет, Одделенијата за кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција во Јавното обвинителство и во Основниот суд Скопје 1, т.е. за целиот пакет судски реформи.

    САКАМДАКАЖАМ.МК лани во јули пишуваше дека специјализирано судско одделение ќе се формира, по урнекот со кој ексминистерот Михајло Маневски ги формираше специјалните оддели за организиран криминал и корупција.

    Од собраниската говорница тогашниот министер за правда Маневски ги убеди пратениците на СДСМ дека „борбата против организираниот криминал и корупцијата е неефикасна и оти статистички, тие предмети се блокирани од одредени обвинители и судии, оти се чуваат во фиоки со години и немаат реализација“. Успеа да ги убеди политичките партии и да собере двотретинско мнозинство во Собранието за да се изгласа Законот за судови и останатите закони од обвинителството и од судството, за да ја спроведе реформата. Неговата клучна реченица, како што може да се прочита и од стенограмите од комисиските расправи во Собранието, беше:

    Во Владата велат дека истиот цитат важи и сега.
    „Не може никој да го понесе товарот на попречување на овие реформи и на донесувањето на овие пакет реформски закони кои се клучни на нашиот пат кон евроинтеграцијата. Ако се кочи нивното донесување, се кочи напредокот на Република Македонија кон ЕУ“, кажа тогаш Маневски.

    Сличен повик до пратениците упати и премиерот Зоран Заев во експозето за формирање нова влада, пред 90-тина дена. Тоа го потенццира и во секоја прилика, кога ќе го спомене планот 3-6-9 во кој најголема тежина имаат реформите во судството.

    Уставот не дозволува формирање специјален суд, но нема никакви пречки да се формира посебно одделение кое би го имало истото име како што го има и обвинителството на Катица Јанева – Одделение за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Тоа одделение би имало од судии во претходна постапка, кои ќе одлучуваат за барањата за притвор и за мерките за безбедност што ќе ги предлага СЈО, или место него редовното Јавно обвинителство, па до судечки судии, кои ќе ја финишираат првостепената судска постапка за случаите на СЈО.

    Една од поставените задачи во планот за судски реформи е да му се обезбедат сите законски предуслови на Специјалното обвинителство за да може да ги истера до крај судските постапки за кои во рокот од 18 месеци поднесе обвиненија. Реформите во судството мора да се спроведат за да се истера докрај борбата против високопрофилната корупција, за да може Македонија да се врати на колосекот на евроатлантските интеграции, е ставот на меѓународната заедница кој останува непроменет.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира