ЗАЕВ НАЈАВИ ПОВРЗУВАЊЕ СО ГРЧКИОТ ГАСОВОД НА БИЗНИС ФОРУМОТ НА МАКЕДОНСКИ И ГРЧКИ КОМПАНИИ

    ЗАЕВ НАЈАВИ ПОВРЗУВАЊЕ СО ГРЧКИОТ ГАСОВОД НА БИЗНИС ФОРУМОТ НА МАКЕДОНСКИ И ГРЧКИ КОМПАНИИПремиерот Зоран Заев на Бизнис форумот на македонските и грчките компании. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Поврзување на грчкиот гасовод и земјата да биде дел од интерконтинентален гасовод кој ќе оди преку Србија и Романија, најави премиерот Зоран Заев на Бизнис форумот меѓу македонските и грчките компании на кои присуствуваат над 400 стопанственици од двете земји, а од Грција над 100. Тој кажа дека по формирање на Советот за соработка и одржување на меѓувладини седници еднаш годишно ќе се формира и заеднички комитет за економски прашања, за што во текот на форумот беше потпишан договор за акциски план за негово формирање.

    „Бизнис заедницата беше најоштетена од она што државите на политички план не можеше да го надмине. И покрај политичките пречки моравте да барате начин за соработка и ви честитам што сте биле партнери. Лани Грција беше наш втор трговски партнер и трговската размена е зголемена за 20,7 отсто во споредба со 2017 година и достигна над милијарда денари. Трговскиот дефицит со Грција лани изнесувал 30,7 отсто повеќе во однос на 2017 година и нашите компании треба да бидат поконкурентни или да се зголемат грчките инвестиции тука за да се намали дефицитот“, рече Заев.

    Тој кажа дека Грција е трет најголем инвеститор кај нас или 10,1 отсто од инвестициите лани се од грчки компании. Заев рече дека разговарале за соработка во областа на железницата, електричната енергија, телекомуникациите, за изградба на оптички кабел, во областа на здравството да се овозможи медицински специјализации на наши кадри во Грција, како и за поддршка на еколошки стартапи.

    „Грција беше наш пријател во клучни моменти и од позиција на страв и недоверба преминавме кон пријател и подадена рака. Тоа сакаме да ги научиме и нашите деца да не живеат во страв, туку да се прифати подадената рака и пријателство“, рече Заев.

    Вицепремиерот Кочо Анѓушев кажа дека поврзување на гасоводот во Грција е за да имаме алтернатива, бидејќи сега „Газпром“ има монополска улога преку бугарскиот гасовод.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира