Мандатар на новата влада и следен премиер ќе биде Зоран Заев, велат од СДСМ. Од таму денеска информираа дека преговорите и составувањето на идната влада ќе биде после празникот 2 Август, а дотогаш лидерот на партијата ќе одмара.
„Претседателот Заев од утре ќе користи неколку денови годишен одмор кој ќе го мине во државата. Имајќи го предвид изминатиот период исполнет со корона криза и предизборни кампањи, СДСМ се залага во деновите до и околу Илинден граѓаните да може да здивнат од политичките активности на партиите. После Илинден, согласно законските рокови, влегуваме во процес на дефинирање на владината коалиција водена од СДСМ“, се вели во партиското соопштение.
Според првичните резултати кои вчера вечерта ги објави Државната изборна комисија, СДСМ освои 46 мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица освои два пратеника а ДПА еден.
А. АНТЕВСКА