ЗАЕВ, ШАХПАСКА И ФИЛИПЧЕ БИЛЕ ДО ПРИЛЕП И БИТОЛА СО ХЕЛИКОПТЕР НА МВР ЗА ДА НЕ ЛЕТА ПРАЗЕН

    ЗАЕВ, ШАХПАСКА И ФИЛИПЧЕ БИЛЕ ДО ПРИЛЕП И БИТОЛА СО ХЕЛИКОПТЕР НА МВР ЗА ДА НЕ ЛЕТА ПРАЗЕНВеста дека Заев оди на настан во Прилеп и Битола денеска ја објави на Фејсбук пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ане Лашкоска. (Фото: Фејсбук)

    Премиерот Зоран Заев со министрите Венко Филипче и Јагода Шахпаска денеска со хеликоптер на МВР слетаа во Прилеп на настани, во рамки на задолжителните месечни летови, т.е. за да не оди хеликоптерот празен.

    За назад бил полесен за еден патник, Шахпаска останала во битолскиот регион подолго.

    „Летовите со хеликоптер на Министерството за внатрешни работи на премиeрот Заев и министрите Шахпаска и Филипче на релација Скопје – Прилеп, односно на премиерот Заев и министрите Филипче и Бочварски на повратната релација кон Скопје се во рамки на обврските за задолжително исполнување работни месечни часови кои согласно стандардите важат и за пилотите и за леталата“, одговори МВР на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК .

    Министерството вели дека премиерот и најблиските соработници со денешниот хеликоптерски превоз заштедиле време за другите обврски во Владата.

    „Причината за користење е поврзана со обврските и агендите на премиерот и министрите и потребата од рационализација на времето со цел секој од нив на време да ги заврши планираните теренски обврски и на време да може да се врати во Скопје за редовните владини и кабинетски обврски“, се наведува во одговорот.

    Веста дека Заев оди на настан во Прилеп и Битола денеска ја објави на Фејсбук пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ане Лашкоска.

    Премиерот денеска изврши увид во завршените градежни работи на модуларната болница во Прилеп. Присуствуваше и на почеток на изградба на нова енергетски ефикасна градинка, како и на пуштањето во употреба на новиот 400/110 киловолтен трансформатор во трансформаторска станица „Битола 2” во Новаци.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира