ЗАЕВ ВО БРИСЕЛ СЕ ЗАКАНИ СО ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ АКО НЕМА ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУ

    ЗАЕВ ВО БРИСЕЛ СЕ ЗАКАНИ СО ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ АКО НЕМА ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ СО ЕУПремиерот Зоран Заев со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на вчерашната прес-конференција во Брисел (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Зоран Заев од Брисел се закани со предвремени избори ако Советот на ЕУ летово не одреди датум за почеток на преговорите членство во ЕУ, зборувајќи пред избрана група новинари од странските медиуми. На прашање на државната агенција МИА за најавите за реконструкција на владата, Заев кажа дека и во овој дел многу ќе зависи од одлуката на ЕУ за почеток на преговорите.

    „Процесот на реконструкција е започнат, ќе има промени кај помалку од две третини од владата, тоа е мојот план и околу 20 до 30 менаџерски позиции во големите институции, но можеби Советот на ЕУ мене ќе ме смени“, вели Заев.

    Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Заев вели дека поради ризикот да падне владата ако нема преговори со ЕУ, тој чека за реконструкцијата.

    „Ако ја изгубам поддршката на парламентот, тогаш зошто да правам реконструкција на владата? Затоа чекам, јас сум подготвен, нашите граѓани знаат горе долу кој ќе биде сменет во владата, но не е нормално да правиме реконструкција ако падне владата, може ќе треба да одиме на предвремени избори, или да добиеме нов мандат од претседателот, не се знае, но прво Бундестагот треба да испрати порака“, изјави Заев.

    За секоја одлука која се однесува на проширувањето на ЕУ, неопходно е претходно германскиот Бундестаг да даде зелено светло, а следниот рок за одобрување на одлуката од страна на Берлин е 28 јуни, по што министрите на ЕУ би можеле да го одредат конечниот датум во втората половина на јули, кога повторно ќе се состанат во Брисел. Повторно одлагање, вели Заев, го зголемува ризикот за владата.

    „Бундестагот мора да испрати порака, ако не донесат одлука на седницата неделава, најверојатно имаат шанса за тоа на крајот на јуни, ако не го сторат тоа, тогаш останува за Советот на ЕУ во октомври, што значи дека Бундестагот би гласал во септември. И тогаш постои ризик да го изгубиме мнозинството во Собранието, затоа што навистина сè дадовме, рече Заев.

    Тој вели дека постои опасност пратениците, на кои им било ветено дека гласот за Преспанскиот договор и за уставните измени значи отворање на вратите на ЕУ, да изгубат доверба во власта.

    На прашање на дописникот на француската агенција АФП дали постои ризик да дојдат на власт проруски и националистички партии, Заев рече дека не е исклучена оваа можност доколку ЕУ не испорача во својот дел.

    „Разочарувањето кое ќе се појави кај нашите граѓани ако нема позитивна одлука на Советот на ЕУ ќе им даде надеж на националистичките сили, тоа значи дека ќе има граѓани кои ќе одлучат да ги поддржат националистичките, радикалните сили, и тоа не е добро за Северна Македонија и не е добро за регионот“, рече Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира