ЗАКОНОТ ЗА СУБВЕНЦИИ НА ФИРМИТЕ ДОПРВА ЌЕ ОДИ ВО ВЛАДА НА УСВОЈУВАЊЕ

    ЗАКОНОТ ЗА СУБВЕНЦИИ НА ФИРМИТЕ ДОПРВА ЌЕ ОДИ ВО ВЛАДА НА УСВОЈУВАЊЕОд кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев велат дека кон средината на март законското решение ќе го дадат на усвојување во Собрание и дека се надеваат дека навреме ќе биде донесено за да може компаниите да се јават за државна помош (Фото: СДК.МК)

    Закон за финансиска поддршка на инвестициите допрва ќе оди во Владата на усвојување, па дури потоа ќе биде даден во собраниска процедура.

    Од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев велат дека нацрт текстот на предлог-законот на 15 февруари е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) и дека рокот за консултации и забелешки од јавноста преку ЕНЕР истекува на 6 март.

    „Се очекува нов текст на предлог-закон, во кој соодветно ќе бидат вградени забелешките и укажувањата, да биде доставен до Владата на усвојување. Предлогот на законот ќе се разгледа на генералниот колегиум на државни секретари, потоа на Комисијата за економски систем и тековни економски политики при Владата, која ја сочинуваат министри, а најпосле ќе се разгледува на седница на Влада. По усвојување на Влада предлогот ќе се достави до Собранието“, велат од кабинетот на вицепремиерот Анѓушев.

    Од кабинетот напоменуваат дека текстот на нацрт законот досега не е разгледуван од работните тела на Владата.

    Законот, според информациите од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, ќе се носи во редовна постапка во Собрание.

    „Претходно законот ќе ја помине постапката пред работните тела на Владата, која трае вообичаено меѓу 7-10 дена. Се очекува на средината на март текстот да биде доставен до Собранието, каде ќе се носи во редовна процедура“, велат од кабинетот на Анѓушев.

    На 15 февруари, при промоција на законското решение, вицепремиерот Анѓушев кажа дека не доцнат со носење на законот по забелешките на стопанствениците дека регулативата нема да биде донесена навреме за да можат во текот на март и април да аплицираат за државна помош. Анѓушев тогаш рече дека со објавување на текстот на предлог-законот на ЕНЕР, тој практично веќе е во рацете на Собранието и дека очекува пратениците да најдат консензус по ова прашање и да го донесат во предвидениот рок.

    „Мерките за државна помош функционираат така компаниите да можат да аплицираат по предавањето на завршните сметки од претходната година. Завршните сметки за 2017 година тие ги предаваат до крајот на февруари и има доволно време за да аплицираат во март и април. Законот не доцни, туку е точно на време“, кажа Анѓушев минатиот месец.

    Минатата недела и министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека по усвојување на законското решение откако ќе го усвои Владата ќе оди во Собрание на усвојување и тој, исто како и вицепремиерот, ги повика пратениците да ги надминат несогласувањата и да гласаат за вака важен закон.

    Од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, велат дека носењето на законот не доцни, но бидејќи неговата реализација подразбира трошење буџетски пари, неговата подготовка бара темелни анализи, соодветни консултации и вклученост на повеќе надлежни органи, институции, јавноста и деловниот сектор, академската, стручната фела и невладините организации.

    „Постапката ќе трае онолку долго колку што е потребно да се задоволат сите начела и прописи за носење современо, демократско, квалитетно и издржано законско решение. Користење на мерките кои беа усвоени и промовирани од Владата, се наменети за поддршка на инвестициите и може да се реализираат. Ова пред сè од аспект што мерките се буџетирани, усвоени во вид на план и програма. Очекуваме законот да биде донесен навреме и дека компаниите ќе може да конкурираат за доделување на државна помош во наредниот период“, велат од кабинетот на вицепремиерот Анѓушев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира