Царинската управа објави дека се запленети четири тони апчиња и гел за потенција што не се регистрирани во Регистарот на лекови, со што се опишани како ризични по здравјето на граѓаните. Вкупната вредност на запленетата стока се проценува на 41,7 милиони денари.
„Спречена е нелегална трговија на четири тони апчиња и гел за орална употреба за потенција, откако царински инспектори од Секторот за контрола и истраги при детален преглед на стоката утврдија дека фирмата која ja внела во државата нема важечко решение за вршење промет со лекови и медицински средства на големо. Воедно, лекот не е регистриран во Регистарот на лекови, што го води Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Северна Македонија“, соопшти Царинска управа.
Запленети се 48.000 кутии „орал џели“, 10.530 ленти со таблети „камагра“ од 100 мг и 7.000 кутии со таблети „кенфорс“ од 100 и 150 мг.
Поради постоење сомнеж дека пријавениот сторил кривично дело нелегална трговија, што е казниво по член 277 од Кривичниот законик, стоката е запленета, а против правното лице ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје.