ЗАСЕГА НЕМА ПОТРЕБА ОД СКРИНИНГ НА АЕРОДРОМИТЕ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ЗА НОВИОТ ВИРУС

    ЗАСЕГА НЕМА ПОТРЕБА ОД СКРИНИНГ НА АЕРОДРОМИТЕ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ЗА НОВИОТ ВИРУСДосега непознатиот вирус првпат беше идентификуван во кинескиот град Вухан и потврдено е дека се пренесува од човек на човек (Фото: АП)

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека Македонија засега нема да презема никакви превентивни мерки поради појавата на новиот вирус, од кој секој ден има сѐ повеќе заболени во Кина, а први случаи се забележани во уште неколку држави, меѓу кои и САД.

    САД беа една од првите земји кои почнаа со скрининг на патници на аеродроми, првенствено на оние кои доаѓаат од Кина, но Филипче вели дека засега нема препораки тоа да се прави и на аеродромите во Скопје и Охрид.

    „Вчера имавме неофицијални разговори, со оглед на тоа што веќе има активности во Светската здравствена организација и се разгледуваат евентуални препораки за далечните земји каде што сега има сѐ почеста појава на заразени луѓе од овој вирус. Ќе видиме какви се информациите, контактираме со официјални лица од канцеларијата на Светската здравствена организација дали има потреба или препорака за некаков скрининг на аеродромите, но засега нема таква најава“, кажа Филипче, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на новата операциска сала во Клиниката за торакална и васкуларна хирургија на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

    Вирусот што првпат беше идентификуван во кинескиот град Вухан пред нова година е вид на коронавирус што досега не бил познат кај луѓето. Досега се потврдени девет смртни случаи и над 440 заразени, најмногу во Кина, но тој веќе се проширил и во Јапонија, Јужна Кореја, Тајван, Тајланд и Филипини.

    Знаци на инфекција се респираторни проблеми, треска, кашлица и недостиг на здив. Кинеските власти потврдија дека тој може да се пренесе од човек на човек. Најпознат вид коронавирус е Сарс, од кој пред 15-ина години починаа околу 800 луѓе низ цел свет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира