ЗАСЕГА НЕМА ПОТРЕБА ОД ЗГРИЖУВАЊЕ НА КОВИД ПАЦИЕНТИ ВО ПРИВАТНИ БОЛНИЦИ, СОСТОЈБАТА Е СТАБИЛНА, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА ЦУК СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВ

    ЗАСЕГА НЕМА ПОТРЕБА ОД ЗГРИЖУВАЊЕ НА КОВИД ПАЦИЕНТИ ВО ПРИВАТНИ БОЛНИЦИ, СОСТОЈБАТА Е СТАБИЛНА, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА ЦУК СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВСпоред Министерството за здравство, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на Инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава е 1.256 и има колку 180 празни болнички кревети во Ковид-центрите; - На Инфективна клиника лежат 150 болни. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во овој момент, нема неопходна потреба за болничко згрижување на пациенти во стара „Систина“, состојбата со заразата е стабилна и има места во државните болници во земјата, рече денес на прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов. По прогласувањето на кризната состојба на 21 ноември, министерот за здравство Венко Филипче и претставници на трите приватни клиники во земјава се договорија дека објектот на поранешната болница „Систина-Мала Богородица“ да се користи како нов Ковид-центар.

    Директорот кажа дека се работи на формално-правна техникалија за потпишување на нацрт-договорот на Министерството за здравство и приватните клиники, дека нема да се чека 5 до 12 за да се состанат, и ако се јави итна потреба, за половина час ќе се состане Главниот штаб и сите процедури ќе бидат завршени.

    „Министерството склучува договори со приватните болници, и очекуваме нацрт-договорот да го даде во ЦУК. Бројката на новозаболени од ковид-19 паѓа, но бидејќи е нова болест и може да се јави итна потребна од болничко лекување и во тој случај Главниот штаб ќе донесе таква одлука“, рече Ангелов, додавајќи дека во болниците во Скопје во моментов има 40 слободни места, а низ земјава над 200.

    Министерството за здравство претпладнево соопшти дека во изминатите 24 часа во Ковид-центрите во Скопје хоспитализирани се 30 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 452 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на Инфективните оддели во главниот град.

    Во последното деноноќие, на Интерните клиники имало вкупно 13 приеми и тројца во Ковид-центарот на Клиниката за неврологија, четворица болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, тројца пациенти на Клиниката за нефрологија и исто толку во ковид центарот на Клиниката за уво, нос и грло. Во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ имало 10 нови приеми на пациенти, а седум болни биле примени на Инфективната клиника. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 32 оздравени пациенти.

    Во моментов на Кожната клиника се лекуваат 26 пациенти, на Клиниката за неврологија 33 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 38 пациенти со симтоми на коронавирусот, вна Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 26 пациенти, а на Клиниката за очни болести 17 пациенти. Во Ковид-центарот на Клиниката за уво, нос и грло има 27 пациенти. Во „8 Септември“ има вкупно 107 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 150 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 28 пациенти, од кои 7 деца и 21 возрасен.

    „И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 40 тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ‘8 Септември’. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на Инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава е 1.256 и има колку 180 празни болнички кревети во Ковид-центрите“, стои во соопштението на Министерството за здравство.

    Владата на вчерашната седница го усвои предлогот на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и го утврди текстот на Предлог – одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територијата на земјава. Со оваа предлог-одлука, се предлага на Собранието да одобри продолжување на рокот за постоење на кризна состојба до 30 јуни 2021 година.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира