ЗАВРШИ РЕНОВИРАЊЕТО НА „ИДРИЗОВО“, ЗАБРЗАНО СЕ ДОТЕРУВА ВНАТРЕШНОСТА

    ЗАВРШИ РЕНОВИРАЊЕТО НА „ИДРИЗОВО“, ЗАБРЗАНО СЕ ДОТЕРУВА ВНАТРЕШНОСТАЗатворот во Идризово е сериозна инвестиција поддржана од Светската банка и како таква беше најавена и од поранешниот премиер Никола Груевски уште во 2013 кога тој вршеше увид на затворот во Куманово (архивска фотографија)

    Затворот „Идризово“ се дотерува со забрзано темпо и наскоро затвореното пренатрупано одделение, коешто треба да ги прими новите осуденици на тешки кривични дела, од пет години затвор па до доживотни затворски казни, ќе се растовари, потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК од Министерството за правда.

    Од околу 2.000 осуденици каде што се набуткани еден врз друг во нехумани услови во 80 години старата зграда, во август ќе останат околу 1.000-1.050. Новите осуденици за тежок кримина , ќе бидат сместувани во истите тие стари ќелии, но барем полесно ќе дишат, зашто оние со полесни кривични дела, ќе се дислоцираат во новоизграден објект, за да им направат место на осудениците со повисоки казни кои ќе дојдат таму во наредниот период.

    Во затворот „Идризово“ заврши првата фаза од комплетната негова реконструкција, која почна пред околу четири години. Изградбата на полуотвореното одделение со капацитет од 260 места е завршена, велат соговорниците од Министерството за правда. Во тек е опремувањето на внатрешноста, за што е распишан тендер.

    И реконструкцијата на отворениот дел е завршена, велат соговорниците. Тој е со капацитет од 260 места за осуденици. Во тек е опремување и на ова одделение, затворениците тука ќе дојдат исто така во август.
    Од останатите работи за првата фаза, реконструиран е тренинг-центарот за вработените во „Идризово“, кои таму веќе држеле семинари, а управната зграда која беше запустена и стара, за 10 дена, според она што го тврдат надлежните во Министерството за правда, ќе се пушти во употреба за десетина дена.

    Реконструкцијата на „Идризово“ ја најави поранешниот премиер Никола Груевски во ноември 2013 година.
    „Тоа е сериозна инвестиција во која не поддржа Банката за развој при Советот на Европа. Градбата почна пред неколку месеци. Се работи интензивно и во период од неколку години треба да се изгради комплетно нов затвор, кој ќе биде многу посовремен, многу помодерен со сите потребни стандарди што ги имаат денешните затвори. Штом заврши градбата, затворениците ќе преминат во новиот дел кој ќе биде во повеќе целини за затворениците од различни категории да бидат одвоени што е стандард во секој затвор“, кажа тогаш Груевски.

    Во „Идризово“ се изградиле и терени за спортски игри, кошарка и фудбал. Но, на нив ќе играат само осудениците на полесни кривични дела. Осудените лица на повисоки и доживотни затворски казни остануваат во затвореното одделение, за каде важат ригорозни правила и куќен ред.
    Таму ќелиите, ѕидовите и креветите се уште како оние од сцените во култниот македонски филм „Тетовирање“. Таа многу стара зграда ќе се урива. Изградбата и нејзината реконструкција се предвидени за во втората и третата фаза, велат во Министерството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира