Со организиран скрининг на рак на грлото на матката, годишно би можеле да се спасат меѓу 30 и 50 животи во Македонија, се вели во анализата што ја подготви Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ). Скринингот би ја чинел државата неполни еден милион евра годишно.
Фондот за здравствено осигурување годишно троши најмалку 29 милиони денари (470.000 евра) за лекување на жените кај кои рак на грлото на матката е откриен во напредна фаза, што се должи на тоа што во Македонија нема соодветно организиран скрининг на оваа болест. Вкупните годишни трошоци на државата и пациентките се проценуваат на минимум 632.000 евра, се вели во анализата насловена „Која е цената на тоа што немаме организиран скрининг на рак на грлото на матката?“.
„За да се опфатат 80% жени на возраст од 24 до 60 години со скринингот, државата за тригодишен период треба да издвои 2,73 милиони евра. Ова би значело дека Министерството за здравство годишно треба да обезбеди 916.000 евра за оваа намена. Со овие средства ќе се спасат 30 до 50 животи годишно и воедно ќе се спречи предвреме да се изгубат 590 години живот кај жените“, се вели во анализата, чиј автор е Борјан Павловски.
Во Македонија од 2012 се спроведува Програма за скрининг на рак на грлото на матката, меѓутоа нејзиниот опфат и натаму е недоволен, поради што и Европската комисија забележала дека во земјава всушност не постои организиран скрининг. Ова резултира со предвремена смртност која може да се спречи, бидејќи доколку ракот се открие навреме, може успешно да се лекува.
Во анализата се вели дека поради ненавременото откривање на рак на грлото на матката, во Македонија секоја година во просек се губат 593 години живот кај жените. Ненавременото откривање води и кон големи трошоци, како за државата, така и за жените и нивните семејства.
„Проценетите годишни трошоци што ги имаат 334 жени кои боледуваат од рак на грлото на матката откриен во напредна фаза изнесуваат 10.858.129 денари, но тие реално се поголеми“, се вели во истражувањето.
Во 2016, 47 жени починале од рак на грлото на матката, а следната година 30.
Г. КОНЕВ