ЖЕНАТА КОЈА ПОЧИНА ОД КОРОНАВИРУС ИЗЈАВИЛА ДЕКА НЕ ПАТУВАЛА И НЕМАЛА КОНТАКТ СО НЕКОЈ КОЈ БИЛ ВО СТРАНСТВО, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    ЖЕНАТА КОЈА ПОЧИНА ОД КОРОНАВИРУС ИЗЈАВИЛА ДЕКА НЕ ПАТУВАЛА И НЕМАЛА КОНТАКТ СО НЕКОЈ КОЈ БИЛ ВО СТРАНСТВО, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕЖената во Кумановската болница првпат дошла со температура и без кашлица, на 16 март, ѝ биле поставени прашања од епидемиолошката анкета и таа кажала дека не патувала во странство нити имала контакт со некој од странство. (Фото: СДК.МК)

    Педесет и седумгодишната жена од Куманово која почина од коронавирус имала прв преглед на 16 март во болницата во Куманово, кажа министерот за здравство Венко Филипче на дополнителната прес-конференција за денеска, откако попладнево објави за првиот смртен случај во земјава од КОВИД-19. На Инфективната клиника во Скопје е сместен нејзиниот син, кој е позитивен на коронавирус.

    Министерот ја образложи процедурата на нејзиното лекување, според податоците кои ги добиле од болницата во Куманово и од епидемиолошката служба од Центарот за јавно здравје.

    Жената во болницата првпат дошла со температура и без кашлица, на 16 март, ѝ биле поставени прашања од епидемиолошката анкета и таа кажала дека не патувала во странство нити имала контакт со некој од странство. Ѝ била дадена терапија и пуштена дома. Следниот ден, на 17 март, жената со синот дошле со покачена температура, повторно без кашлица, и повторно негирале каква било поврзаност со странство или патувања. На 17 и 18 март примаат терапија, немаат кашлица, и сето се прави како  третман во дневната болница.

    На 19 март жената дошла со потежок наод и со индикација за рентгенска снимка за пневмонија и се сместуваат во одделот за изолација. Тогаш им биле земени брисеви, на 19 март на двајцата, а на 20 повтроно на мајката, и двата биле негативни. Тоа стои во препораките да се повтори тестот кога има потешка клиничка слика.

    „Состојбата на 21 март ѝ се влошува, и имало обиди за реанимација, но без успех, по што компликацијата настанува нагло. Посмртно е земен брис и е позитивен на коронавирус. Преиспитани се материјалите кои иницијално биле земени и повторно биле негативни. Разговаравме со експертите, тестот никаде не е 100 отсто сензитивен и тоа е докажано. Во моментов се испитуваат здравствените работнии и според кажувањата ќе се знае како ќе се постапи, дали ќе одат во изолација или ќе се направат соодветни испитувања“, рече министерот.

    Во земјава, до 12 часот денес, се регистрирани 114 заразени со КОВИД-19.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира