ЗНМ НАЈАВИ ПРОТЕСТИ АКО НЕМА КАЗНИ ЗА НАПАДИТЕ ВРЗ НОВИНАРИ

    ЗНМ НАЈАВИ ПРОТЕСТИ АКО НЕМА КАЗНИ ЗА НАПАДИТЕ ВРЗ НОВИНАРИ„Во регистарот на ЗНМ за напади кон новинари од почетокот на оваа година до овој момент бележиме 14 напади кон новинари, од кои повеќе од пола се кон жени новинари. Во 2019 година имавме само 4 напади вкупно и овој негативен тренд треба да го вклучи алармот пред сè во ОЈО, особено земајќи предвид дека според нашата евиденција нема ниту еден покренат обвинителен акт против напаѓачите“, вели претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски; - Од средбата со Јавниот обвинител Љубомир Јовески. (Фото: ЗНМ)

    Здружението на новинарите (ЗНМ) на редовното годишно собрание денеска усвои декларација со која се бара престанок на неказнивоста на нападите и заканите кон новинарите и медиумските работници во земјава. Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски најави и протестен марш ако продолжи игнорантскиот однос на државата, но и ако останат нерешени сите други напади врз новинарите.

    „Државата потфрли во случајот со нападнатите новинари на 27 април 2017. Десетици колеги беа брутално нападнати, а институциите не само што не поведоа ниту една постапка,туку се дрзнаа преку државното правобранителство да се обидат да ја одбијат тужбата на нашите колеги, што е недозволиво”, рече Чадиковски.

    Во декларацијата од Министерството за правда се бараat интервенции во Кривичниот законик, преку кои ќе се даде дополнително овластување на Јавното обвинителство по службена должност да постапува во одредени ситуации кога е повредено правото на новинарот за време на службена задача, како и предвидување на повисоки казни за престапниците. На овој начин, би се решиле дел од предизвиците и би се поштедиле новинарите од скапи судски постапки кои не секогаш се во можност самостојно да ги иницираат.

    Чадиковски, директорот на ЗНМ Драган Секуловски и адвокатот Филип Медарски кој застапува група на новинари за нелегалното прислушување, завчера на средбата со државниот јавен обвинител Љубомир Јовески предложија формирање на посебно одделение во обвинителството за гонење напади кон новинари и медиумски работници, кое треба ги истражи не само повредите на правата на новинарите од оваа година, туку и постарите случаи, бидејќи само на тој начин ќе се подобри негативната пракса на неказнивост која во моментов е присутна.

    Чадиковски вели дека во 2020 има зголемен тренд на закани кон новинарите.

    „Во регистарот на ЗНМ за напади кон новинари од почетокот на оваа година до овој момент бележиме 14 напади кон новинари, од кои повеќе од пола се кон жени новинари. Во 2019 година имавме само 4 напади вкупно и овој негативен тренд треба да го вклучи алармот пред сè во ОЈО, особено земајќи предвид дека според нашата евиденција нема ниту еден покренат обвинителен акт против напаѓачите“, вели Чадиковски.

    ЗНМ вели дека Јовески ветил оти во наредниот период ОЈО ќе се заложи да ги провери случаите кои ги има регистрирано ЗНМ за напади кон новинари и ќе се разговара интерно за барањето за формирање на посебно одделение.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира