Здружението на новинари на Македонија ги повика обвинителството и судот да го пуштат од притвор новинарот Зоран Божиновски и да му се овозможи да се брани од слобода.
„Го повикуваме обвинителот Златко Биковски да го повлече барањето за притвор, а судијата Ленка Давиткова веднаш да го укине притворот. Долгиот притвор против Божиновски, веќе не служи за ефикасно одвивање на судскиот процес, туку прераснува во казна“, вели ЗНМ во јавното обраќање до надлежните институции.
Според ЗНМ, држење новинар во притвор речиси три години, во екстрадиционен притвор во Србија и притвор во Македонија, е апсолутно незабележана практика во слободни и демократски земји.
„Ослободувањето на Божиновски ќе ја одвои Македонија од групата на авторитарните земји во Европа, како што е Турција, Русија и Азербејџан, каде постојано се прогонуваат новинари“, вели ЗНМ.
Здружението на новинари бара новата Влада јавно, во рамките на нивните надлежности да се заложи за ослободување на Божиновски.
„На сите им е јасно дека мерката притвор во случајот на Божиновски е злоупотребена од претходната влада, со единствена цел да се замолчи критички новинар“велат од ЗНМ.