ЗОРАН МИЛЕСКИ Е КЛАСИЧЕН АГЕНТ-ПРОВОКАТОР, ИМАШЕ ДОГОВОРЕНА ПРЕСУДА ЗА ДА СЕ МОНТИРА ИЗМИСЛЕНИОВ СЛУЧАЈ НА ВИЛМА, ТВРДИ БОКИ 13 НА „РЕКЕТ“

    ЗОРАН МИЛЕСКИ Е КЛАСИЧЕН АГЕНТ-ПРОВОКАТОР, ИМАШЕ ДОГОВОРЕНА ПРЕСУДА ЗА ДА СЕ МОНТИРА ИЗМИСЛЕНИОВ СЛУЧАЈ НА ВИЛМА, ТВРДИ БОКИ 13 НА „РЕКЕТ“Зоран Милески-Кичевскиот на почетокот на судењето за „Рекет“, кога призна вина и беше осуден на три години затвор. (Фото: СДК.МК)

    Во продолжение на сведочењето на првообвинетиот во „Рекет” Бојан Јовановски-Боки 13, тој одговара на прашања за Зоран Милески-Кичевскиот, кој призна вина во „Рекет”.

    „Ќе се сложам со Орце Камчев дека од Зоран Милески-Кичевскиот немало подобар оперативец. Тоа го сфатив сега, откако се најдов во смешново обвинение. Милески имаше договорена пресуда за да се монтира измислениов случај на Вилма. Пазете, он е на слобода, со одобрување на обвинителката Русковска, нешто за кое е обвинета сега Катица Јанева. Може и Русковска еден ден ќе одговара за истото”, рече Бојан Јовановски.

    Зборуваше дека Милески му се вовлекол под кожа, до степен да станат „блиски, поблиски и најблиски”, покажувајќи пристојно селфи со него, како што рече, а за другите фотографии, рече дека Русковска ги видела, ама дека селективно го вештачела неговиот мобилен телефон.

    За Милески, кој работел кај Орце Камчев, кажа дека постојано му доаѓал во телевизијата и во неговиот стан. Едно време побарал од него да ги спои градоначалникот на Карпош Стефан Богоев и газдата Камчев, зашто имал намера да гради на територија на општината. Боки рече дека приватно го тужи Богоев.

    „Милески ме убедуваше Камчев да се рекламира во „1ТВ“, да му го продадам мојот проект за молот Фрст концепт стор. Првата средба ја договори Милевски во ‘Сушико’, во август 2018 година. Кога тргнавме да разговараме за рекламирање на ‘Систина’ кај нас, претходно разговаравме со Јана Марин, директорка на болницата, која за една година понуди малку. Со Камчев и Милески разговаравме за 200 илјади евра. Потоа почна Камчев да кажува дека му спремале во СЈО некаква истрага за фиктивни фактури. Некоја обвинителка од Радовиш го водела тоа, но дека пријателите од Бугарија му го средиле тоа. Потоа имавме уште неколку средби кај Камчев, зборевме за проекти. Они мене ме навлекуваа цело време. Едно време ми вика, дај да ги видам и старечките домови, проект кој многу сакав да успее”, сведочи Јовановски.

    Потоа се отворила истрагата за „Империја”.

    „Во ноември беше уапсен Камчев. Милески по полноќ дојде кај мене, зелен во фацата, ми збори Бугарите нè изиграа, дај до Катица да дојдеме да помогне… Како може да дојдеш до Катица и да ѝ збориш за истраги, му реков”, одговара Боки 13 на прашања на својот адвокат, како дознал за „Империја” и што знаел.

    „Никогаш не направив нешто од тоа што бараше Милески од мене за таа истрага ‘Империја’”, тврди Боки 13.

    Доаѓал кај него Милески, му зборел дека наскоро ќе излезе, ќе му помогнеле од Кривичниот суд. Подоцна дознал дека кога Камчев бил пуштен во куќен притвор, Милески се фалел дека комплетно го освоил, дека ја исполнил задачата од работодавецот и се исмејувале со Бојан Јовановски.

    „Ред муабет безвезе имаше, ред ќе ми уфрли нешто за ‘Империја’, за Катица. Класичен агент провокатор, ме снимал цело време. Ај да не заврши овој предмет штуро, без докази и сите да ни се смеат, ги нудам снимките од телефонот еве и сега, извештачете го”, уште еднаш побара Боки 13.

    Тогашниот премиер Зоран Заев тогаш им ветил дека сè ќе стори да им се олесни положбата на Камчев и на Мијалков во „Империја“, за која Ана Камчева и Зоран Милески отишле кај него. Камчева таму плачела, а Заев, во име на бизнис заедницата и големиот број вработени во компаниите на притворените бизнисмени во „Империја“, како што ми пренесе Милески, им ветил дека ќе се обиде некако да помогне.

    „А во делот кај што сум обвинет дека сум побарал 500 илјади евра да помогнам да излезе од притвор, има три верзии од сопружниците Камчеви и од Милески. Кога конструирале случај, не го испеглале тоа убаво. Не сум примил никакви пари од Камчев. Лага е дека сум примил пари и ради тоа бил пуштен Камчев од притвор, во куќен притвор”, негира Јовановски.

    Следува сет прашања што се случило по пуштањето на Камчев од Шутка.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира