Првиот центар за спортски трауми во Македонија денеска беше свечено отворен во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. На отварањето покрај политичари се појави и сопругата на премиерот Зоран Заев, Зорица како пациентка на оваа болница. Таа минатиот месец беше оперирана токму од тимот ортопеди кои работат во оваа болница од повреда на скочниот зглоб.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека „со отворање на првиот центар за спортски трауми во Градската општа болница „8 Септември“ ја покажуваме сериозноста кон грижа за професионалните спортисти, но и за рекреативците, а со тоа и нашата определба за промоција на спортот како здрав начин на живот“.
На официјалното отворање на Центарот за спортски трауматизам, Филипче рече дека „е многу важно професионалните спортисти да добијат брза и навремена медицинска услуга, бидејќи од тоа им зависат и кариерите“.
„Ова се нови простории, ќе има систем за закажување на хронични пациенти, но и итни пациенти, кои ќе бидат упатувани преку ургентниот центар во болницата ‘8 Септември’. Тука работат врвни ортопеди и трауматолози, кои веќе се занимаваат со оваа патологија. Со тоа што опремуваме едно посебно одделение укажуваме на важноста што ја даваме на ова прашање, бидејќи во многу земји ова се третира како посебна специјалност“, рече Филипче.
Д-р Христијан Костов, директор на ГОБ„8 Септември“ и еден од тројцата хирурзи кои ќе работат во Центарот за спортски трауматизам, кажа дека освен во Македонија ваков посебен центар нема ниту во дел од соседните земји.
„Првично ќе бидат третирани професионалните спортисти, а исто така и сите оние што се занимаваат со рекреативен спорт. Тоа значи дека ќе добијат брза дијагностичка процедура, ортопедско трауматолошки преглед, лабораториско испитување и најразновидно радиолошко иследување, како што се компјутерска томографија и магнетна резонанца. Сместувањето засега ќе биде на Одделот за трауматологија и ортопедија во нашата болница, кој во моментов има 32 кревети. Во тек е уредување на новите простории кои ги користеше болницата на д-р Жан Митрев и кои Министерството за здравство ни ги додели на користење. Со сето тоа ќе имаме комодитет за овие пациенти, сместувањето ќе биде во апартмански или двокреветни соби, и ќе овозможи брз опертивен третман и постоперативна рехабилитација со протокол за физикална терапија“, рече Костов.
Тој кажа дека центарот ќе работи 24 часа и дека за упатување пред сѐ на професионалните спортисти во него неопходна е добра комуникација со сите спортски федерации. Тој објасни дека предноста на овој центар е што сите со вакви повреди ќе може да добијат брза и квалитетна услуга на товар на Фондот за здравствено осигурување.
Покрај д-р Костов кој е ортопед – трауматолог, во Центарот за спортски трауматизам работат и д-р Зоран Несторовски, раководител на одделението за ортопедија и трауматологија и д-р Ненад Петков.
Е. БОЧВАРОСКА