Опозицијата прави драмолетка од кратењата на Буџетот, реагираше владејачкото мнозинство на денешната собраниска расправа за ребалансот на Буџетот. ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека со вакви политики, само ако Македонија има среќа, економски ќе стагнира а развој нема да има.
„Ако сака министерот за финансии може да се кладиме дека раст од 2,2 проценти нема да биде постигнат“, му понуди пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Илија Димовски на министерот за финансии Драган Тевдовски. Димовски и забележа на Владата зошто со ребалансот се зголемува задолжувањето за 148 милиони евра, од кои 100 милиони од странство, а другите од домашните банки.
„Поднесовме околу 300 амандмани што СДСМ ги поднесувала изминатите години. Истото СДСМ не прифати ниту еден свој амандман“, рече Димовски, укажувајќи дека со ребалансот се кратат пари од капитални проекти а ќе нема зголемување на пензиите и на социјалните трансфери.
За владејачкото мнозинство, суштината на овој ребаланс е што се прави на Буџет што го донесе ВМРО ДПМНЕ кога беше власт.
„Зошто опозицијата дава амандмани за буџет што таа го правеше“, праша пратеникот на СДСМ Томислав Тунтев, додавајќи дека тие амандмани ги предложи СДСМ како опозиција, и прашање е зошто, ако биле добри, ВМРО ДПМНЕ како власт не ги прифатила, а сега ги предлагаат истите.
„Со ребалансот се крати само тоа што нема шанса да се реализира“, објасни Тунтев, аргументирајќи со процентот на реализација на капиталните инвестиции во изминатите години, кој се движел од 47% во 2009 а 66% бил лани.
Денес пратеничките клупи на опозицијата беа прекриени со транспаренти. Пред да почне со дискусијата и Димовски на микрофонот на говорницата го потпре транспарентот на кој пишуваше „Пројде животот, се крати од Македонија“.
„Добро е дури не се тенџериња“, му кажа претседателот на Собранието Талат Џафери на Димовски, на што пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ врати дека немале бугарски тенџериња, алудирајќи на денешното потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија.