Скопје, 21 март, 2016, (САКАМДАКАЖАМ.МК) – Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски сепак ќе присуствува на утрешната конференцијата за антикорупција на која е поканета романската специјална обвинителка Лаура Кодрута Ковеси. Toj заедно со специјалната обвинителка Катица Јанева е најавен како еден од панелистите на конференцијата на тема „Ефективна борба против корупцијата на високо ниво: прашање на личност или на систем?“, дел од програмата за антикорупција на американската владина агенција за странска помош УСАИД што ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), а ќе се одржи во хотелот Холидеј ин од 10 часот.
Откако Ковеси претпладнево се сретна со колешката Катица Јанева го контактиравме Зврлевски да ни каже зошто одбил да учествува на панелот со неговите колешки и дали избегнува да се сретне со романската главна обвинителка во Националниот директорат за антикорупција (ДНА). Тој телефонски ни изјави: „Не го имав потврдено присуството, но сега дефинитивно ја прифатив поканата и ќе учествувам на конференцијата“.
Според МЦМС, од Јавното обвинителство пред неколку дена телефонски биле известени дека Јавниот обвинител Зврлевски нема да биде во можност да присуствува на конференцијата и дека поканата била проследена до другите обвинители.“Оставија можност дека до последен момент оставаат можност јавниот обвинител да најде време да се појави на дебатата.
Романската обвинителка Лаура Кодрута Ковеси, која се прослави со истрагите со кои еден експремиер е в затвор, а на друг му се суди за корупција, Марко Зврлевски и Катица Јанева утре ќе дебатираат дали борбата против корупција на високо ниво е прашање на личност или на систем.
Ковеси, која минатиот месец доби уште еден тригодишен мандат на чело на ДНА, ќе говори и за успешните примери за процесирање истраги за корупција на високо ниво во Романија. Во нејзиниот прв тригодишен мандат таа покрена истраги против илјадници високи функционери, од кои еден експремиер, Адријан Настасе заврши в затвор. Таа лани покрена истрага и против премиерот Виктор Понта додека тој сѐ уште беше на функција и даде налог за замрзнување на неговиот имот, по што беше покренато обвинение.