15 ОД НОВИТЕ ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУС ВО СКОПЈЕ ПРИЈАВИЛЕ ДЕКА БИЛЕ ВО ОХРИД

    15 ОД НОВИТЕ ЗАРАЗЕНИ СО КОРОНАВИРУС ВО СКОПЈЕ ПРИЈАВИЛЕ ДЕКА БИЛЕ ВО ОХРИДПокрај Охрид, има и спорадични случаи на млади од Скопје, кои мислат дека се заразиле во Струга, Дојран и Струмица. - Плажите кај Канео во Охрид (Фото: СДК.МК)

    Од 52 нови заразени со коронавирус во Скопје изминатите два дена, 15 пријавиле дека биле во Охрид, но велат дека не знаат каде се заразиле. Александар Стојанов, в.д. директор на Центар за јавно здравје Скопје, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека тоа се главно млади, на возраст од околу 20-тина години, но меѓу нив има и средношколци. Тој додава дека се со лесна клиничка слика, со ниска температура, главоболки, а некои имаат и пролив.

    „Покрај овие од Охрид, кои главно ги пријавија нивните родители, има и спорадични случаи на млади од Скопје, кои во епидемиолошите анкети изјавиле дека биле во Струга, Дојран и Струмица, но не знаат дали се заразиле таму. Засега нема кластери од нив, сите се поединечни случаи или неколку членови на исто семејство“, вели Стојанов.

    Под контрола се последните скопски кластери, вели тој, едниот во геријатрискиот дом „13 Ноември“, каде што имаше 17 заразени, од кои двајца веќе се подобри и веќе се испуштени од болницата во Козле и вратени назад и изолирани во домот, а другиот во погон за пакување на смрзната храна, каде што од 22 тестирани, 11 биле позитивни.

    „Бројката на новозаразени во Скопје не може да се предвиди, посебно што сега луѓето се враќаат од одмори. Но, во секој случај, како епидемиолог сум убеден дека ако немало ризично однесување додека биле на одмор, бројката може и да паѓа“, вели Стојанов. Тој предупредува дека и на одмор, како и дома, ако се почитуваат мерките за избегнување масовни собири на помал простор и ако се носат маски во затворен простор, па дури и на отворено каде што има многу луѓе и не може да се држи дистанца, веројатноста за пренесување на заразата е многу мала.

    Во Скопје, вкупно досега се регистрирани 5.166 случаи на коронавирус, од кои активни се 1.177.

    М. ИЛИОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира