17-КАТНИЦАТА КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ, ДИРЕКТОРОТ НА КОНЗЕРВАТОРСКИ ЦЕНТАР ВЕЛИ ДОЗНАЈТЕ САМИ ЗОШТО ДАДОВ ПОЗИТИВНО МИСЛЕЊЕ

    17-КАТНИЦАТА КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ, ДИРЕКТОРОТ НА КОНЗЕРВАТОРСКИ ЦЕНТАР ВЕЛИ ДОЗНАЈТЕ САМИ ЗОШТО ДАДОВ ПОЗИТИВНО МИСЛЕЊЕ„Земете го документот од Општина Карпош како што го земавте документот со имињата на членови на Комисијата за урбанизам и видете кои се аргументите за позитивното мислење“, ни одговори директорот Константин Димитровски. (Фото: СДК.МК)

    Зградата на 17 ката во заштитеното подрачје кај Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ може да се гради, откако вчера Конзерваторскиот центар дал позитивно мислење.

    Оваа парцела се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.

    САКАМДАКАЖАМ.МК документите за оваа спорна градба ги доби со пријава на алатката Пријави корупција.

    Исто така, во соседството на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје не смее да има големи и високи објекти оти станува збор за болнички комплекс и нема да може да слетуваат хеликоптери. На просторот кај поранешна Воена болница има простор за слетување на воздухоплови во итни медицински случаи, и ако се изгради планираната зграда на 17 ката која е во непосредна близина на болницата, тие нема да може безбедно да слетуваат и полетуваат.

    И покрај таквите законски одредби и фактот дека станува збор за болнички комплекс, потпишано е позитивно мислење и со тоа сега Општина Карпош може да издаде градежна дозвола и зградата да се гради.

    Директорот на Конзерваторски центар Константин Димитровски не сакаше да одговори на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК врз основа на што е дозволено да се гради огромна зграда со деловен простор во болнички комплекс.

    Издадено е позитивно мислење врз основа на агрументи. Кои се аргументите во моментов не можам да ви кажам, на состанок сум. Бидејќи велите дека станува збор за јавен документ, земете го од Општина Карпош како што го земавте документот со имињата на членови на Комисијата за урбанизам и видете кои се аргументите“, ни одговори директорот Димитровски.

    Димитровски е член на Комисијата за урбанизам на Општина Карпош која го одобрува урбанистичкиот проект за изградба на зградата. Тој зема паричен надоместок од Општина Карпош како член на Комисијата и тој веќе дал одобрение за урбанистичкиот проект за 17-катницата среде болнички комплекс, со 420 станови, во кои ќе живеат 2.000 жители и ќе има фрекфенција од најмалку нови 1.000 возила.

    Димитровски е член на Комисијата за урбанизам на Општина Карпош која го одобри урбанистичкиот проект за изградба на зградата. (Фото: Факсимил од документ на Општина Карпош)

    Воена болница, меѓу другото, е одредена како Единица за прва реакција за силите на НАТО во Косово со оглед на тоа што во кругот на болницата има терен за итни медицински случаи, а во кругот е и поранешниот Воено-медицински центар што сега го користи Министерството за одбрана.

    Со оглед на тоа дека земјава сега е членка на НАТО, од Министерството за одбрана пред две недели ни одговорија дека за овој случај се вршат дополнителни консултации.

    Во 2015 година до Министерството за одбрана е поднесено барање за согласност на урбанистичкиот план со кој на посочената локација е предвидена изградба на висококатница од 28 ката со подземни простории. Министерството во 2015 година издало согласност за оваа градба. Во октомври 2023 година, доставено е барање за согласност со услови за градба од аспект на безбедност во воздушниот сообраќај за објект станбена зграда на улица Никола Русински. Со оглед на тоа што безбедноста на воздушниот сообраќај не е во исклучива надлежност на Министерството за одбрана, во тек се дополнителни меѓуинституционални консултации“, ни одговорија тогаш од Министерството.

    Деталниот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт 3 05 е донесен во 2013, во претходниот мандат на градоначалникот Стевчо Јакимовски. Во него на две катастарски парцели е вцртана една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2 – домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје и висина од 88 метри. Инвеститори на парцелата 6.1 за изградба на спорната зграда се „ЗСФ КОМ ДООЕЛ“ и Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ“.

    За градоначалникот на Општина Карпош Јакимовски нема ништо спорно тоа што среде болнички комплекс се гради огромна станбена зграда која ќе има и два ката деловни-комерцијални простории.

    Смешно е тврдењето дека овој објект ќе ја загрозел поранешна Воена болница, а другите три што се уште поблиску не ја загрозуваат и имаат одобрение од Конзерваторски центар. Како може да постои болницата на Жан Митрев, Пет центарот и тоa брвнарата на Орце Камчев што наводно ќе била болница? Овој објект сега ја загрозува Воена болница што е одалечен 400 метри, а овие другиве три не“, ни изјави на 29 октомври градоначалникот Јакимовски.

    Откако му наведовме дека болниците во овој дел се високи колку и болницата „8 Септември“, а станбената зграда која ќе се гради е многу повисока односно има 17 ката, Јакимовски рече дека висината не треба да биде пречка за да се добијат потребните дозволи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира