Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вели дека македонско-бугарската историска комисија ќе даде резултати како што бара Европскиот парлемент ако работи врз основа на факти, докази и аргументи и се тргне од стегите на политичкиот притисок кој го прави Бугарија. Европскиот парламент (ЕП) на 17 јуни го усвои извештајот за напредокот на Македонија за 2025 година на пленарна седница во Стразбури и во член 73 се бара заедничката историска комисија да постигне јасни и опипливи резултати.
„Ако се бара да кажеме дека Гоце Делчев е Бугарин нема да постигне резултати истириската комисија. Да се бара да кажеме дека Јане Сандански не бил Македонец бил Бугарин и се борел за некоја форма на македонска автономија, но во рамките на Бугарија, тоа се небулози и нереални состојби. Ако се бара да бегаме од реалноста што се случувала на ова територија за време на Втората светска војна, најверојатно нема да постигне резултати историската комисија. Не може да бегаме од реалноста, имаме различна историја но, како што велам јас, со различна меморија. Вештачки ги делиме двата народи со овој пристап којшто доаѓа од соседна Бугарија и тоа е аргументот кој ние им го даваме. Отворете го нашиот пат кон ЕУ, ќе видите како негативната енергија кон Бугарија ќе стане позитивна“, рече Муцунски одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата за две години мандат како министер за надворешни работи.
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Северна Македонија е формирана како резултат на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји од август 2017, а кој стапи на сила во ноември 2018, односно во Вториот протокол кон тој договор потпишан во јули 2022.
Како главен предуслов за отворање на првиот кластер поглавја во преговорите за членство во ЕУ, според Преговарачката рамка, Македонија треба да го смени Уставот, поточно во Преамбулата, покрај останатите нации да ги додаде и Бугарите. Ова е услов на Бугарија која стави вето на почетокот на преговорите до промена на Уставот, поради што тие се закочени. Во меѓувреме, пред неколку дена Европската унија ги отвори првите кластери во преговорите со Украина и Молдавија, а Црна Гора и Албанија се очекува да станат следните членки на европското семејство.
Министерот Муцунски на прес-конференцијата кажа и дека вчера МНР го повикало на разговор амбасадорот на Бугарија поради протекување во јавноста на дипломатска нота што содржела информации за партувањето на сопругата и синот на премиерот Христијан Мицкоски во скијалиштето Папморово во Бугарија во јануари годинава. Тој рече дека до овој момент не добиле објаснување за дипломатскиот пропуст ниту од бугарскиот амбасадор, ниту од бугарското Министерство за надворешни работи.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека ги информирал партнерите во НАТО дека Бугарија ја загрозила безбедноста на неговото семејство зашто на социјалните мрежи протекол документот за нивниот престој во Пампорово.
Станува збор за дипломатската нота односно документот кој македонската амбасада во Софија го испраќа до бугарското Министерство за внатрешни работи на 6 јануари 2026, во кој се наведени детали за патувањето на сопругата Рози и синот Антонио на Мицкоски од 8 до 11 јануари во познатото зимско одмаралиште во Бугарија, Пампорово. Овој документ на 16 јуни е објавен на позната антимакедонска фејсбук страна која се нарекува „Грубовци, Ениџе Вардар – родна Македониjа“. Нејасно е кој ја имал одговорноста за чување на тој документ и како тој стигнал до јавноста.
А. АНТЕВСКА



