АНТИ-ИСИС КОАЛИЦИЈАТА ГИ ПРЕКИНУВА ОПЕРАЦИИТЕ ОТКАКО ИРАК ПОБАРА ОД СТРАНСКИТЕ СИЛИ ДА ЈА НАПУШТАТ ЗЕМЈАТА

    АНТИ-ИСИС КОАЛИЦИЈАТА ГИ ПРЕКИНУВА ОПЕРАЦИИТЕ ОТКАКО ИРАК ПОБАРА ОД СТРАНСКИТЕ СИЛИ ДА ЈА НАПУШТАТ ЗЕМЈАТАИрачкиот парламент заклучи дека убиството на генералот Солејмани претставува кршење на условите за присуство на коалицијата во земјата (Фото: Ројтерс)

    Ирачкиот парламент усвои резолуција со која се бара од странските воени сили да ја напуштат земјата откако најмоќниот ирански генерал Касем Солејмани завчера беше убиен во американски воздушен напад на аеродромот во Багдад.

    Околу 5.000 американски војници моментално се стационирани во Ирак како дел од меѓународната коалиција која се бори против Исламска држава. Уште во пресрет на гласањето, коалицијата објави дека ги суспендира своите операции против Исламска држава, за да можат нејзините сили да се сконцентрираат на заштита на американски, британски и на други трупи кои се наоѓаат во Ирак.

    Како водач на елитните единици Кудс, 62-годишниот Солејмани ги предводеше иранските воени операции на Блиски Исток и важеше за втор најмоќен човек во Иран. Тој е убиен заедно со деветмина свои соработници во нападот со дрон што лично го нареди американскиот претседател Трамп, што претставува голема ескалација во односите помеѓу Техеран и Вашингтон. Трамп го опиша Солејмани како терорист одговорен за милиони мртви.

    По убиството на Солејмани, Ирак се најде во тешка позиција, бидејќи е сојузник и на соседниот Иран и на САД. Ирачката влада заклучи дека овој чин претставува кршење на условите за присуство на коалицијата во земјата.

    „Коалицијата предводена од САД е целосно посветена да ги заштити своите бази по ракетните напади од проиранските милиции во последните два месеца. Тоа ги ограничи нашите капацитети да спроведуваме обука и да ги поддржуваме операциите против Исламска држава и затоа ги паузираме сите наши активности“, објави коалицијата.

    Лидерот на проиранските милиции во Ирак, Абу Мади ал-Муандис, исто така беше убиен заедно со Солејмани.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира