Дупло поскапо ќе чинат тренизните по пливање откако базенот во скопскиот Спортски центар (СЦ) „Борис Трајковски“ е затворен. Во Скопје нема друг олимписки базен со кој стопанисува државата или Општините.
Во јуни, свечено беше отворен базенот во склоп на салата „Партизан“ во Општина Карпош, но тој е мал и со длабочина е од 0,80 до 1,20 метри, ширина од 9 метри и должина од 25 метри. Иако беше свечено отворен, базенот сè уште не работи.
Олимпискиот базен „Центар“ е даден по концесија на приватна фирма. Во него цените за рекреативно пливање, но и за клубовите за пливање и ватерполо, се дупло поскапи. Бидејќи нема друг базен во градот, сега клубовите се префрлија во Олимпискиот базен.
„Моите две деца тренираат пливање. Во ‘Борис Трајковски’ за двете деца плаќав 5.500 денари месечно, а сега откако се префрлија во Олимписки плаќам 10.000 денари. Ај што е поскапо туку е и тепачка за патека за пливање оти има многу деца“, вели скопјанка чии деца тренираат пливање неколку години.
Исто плаќаат и родителите на децата кои тренираат ватерполо.
Директорот на Пливачката федерација Сашо Лазаревски, вели дека за да се надмине оваа ситуација од 1 октомври за клубовите во функција ќе биде ставен и базенот во склоп на салата „Партизан“, со кој ќе стопанисува Федерацијата.
„Тој е помал базен, има само четири патеки и таму ќе тренираат помалите деца од клубовите. Цените ќе бидат како во ‘Борис Трајковски’. За ватерполо екипите и пливачките клубови склучивме договор со Олимписки базен. Станува збор за приватен базен и затоа цените се повисоки“, вели Лазаревски.
Ваква ќе биде состојбата во наредните две години, бидејќи толку време ќе треба за да се реновира базенот во „Борис Трајковски“. Базенот беше затворен во јули, откако во невремето кое го зафати Скопје беше однесен кровот. Директорот на базенот Даниел Апостоловски тогаш ни изјави дека нема да се поправа само кровот, туку базенот ќе биде целосно реконстриуран.
Реконструкцијата, како што кажа Апостоловски, ќе трае околу година и пол. Тендерот за избор на фирма изведувач уште не е распишан, иако беше најавено дека ќе биде распишан во август, а градежните работи ќе стартуваат во ноември. Со оглед дека тендер уште нема, оваа година нема да почне реновирањето на базенот.
А. АНТЕВСКА



