ДИВОГРАДБИТЕ ТРЕБА ДА СЕ РУШАТ НА ЗАКОНСКИ НАЧИН, РЕЧЕ МУЦУНСКИ ОТКАКО УНЕСКО Ѝ ДАДЕ НА ВЛАДАТА УШТЕ 5 ГОДИНИ ЗА ЗАШТИТА НА ОХРИД КАДЕ ИМА 4.847 НЕЛЕГАЛНИ ОБЈЕКТИ

    ДИВОГРАДБИТЕ ТРЕБА ДА СЕ РУШАТ НА ЗАКОНСКИ НАЧИН, РЕЧЕ МУЦУНСКИ ОТКАКО УНЕСКО Ѝ ДАДЕ НА ВЛАДАТА УШТЕ 5 ГОДИНИ ЗА ЗАШТИТА НА ОХРИД КАДЕ ИМА 4.847 НЕЛЕГАЛНИ ОБЈЕКТИКомитетот за светско наследство на УНЕСКО денеска одлучи Охридскиот Регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вели дека дивоградбите не само во Охрид, туку секаде, треба да се рушат на законски начин. Комитетот за светско наследство на УНЕСКО денеска одлучи Охридскиот Регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Место тоа, Владата доби уште 5 години за да ги спроведе забелешките на УНЕСКО за заштита.

    Во  во 2024, Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди дека Охрид има 4.847 дивоградби, меѓу кои згради и хотели, а од 456 решенија за уривање ниедно не е спроведено. Во 2024 градоначалник на Охрид беше Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ, кој во ноември 2025 го почна и вториот мандат.

    На новинарско прашање дали ќе се рушат дивоградбите во Охрид, Муцунски одговори дека и тука има конкретни предмети кои што треба еден по еден да се решаваат и дека тоа се прашања каде надлежноста е поделена помеѓу централната власт и локалната власт.

    „Ако мене ме прашувате како министер и како член на Владата, а верувам дека тоа е ставот на сите членови на Владата, кога е во прашање дивоградба било каде, не само во Охрид, таа треба  да биде отстранета. И тоа треба да биде направен на соодветен и на законски начин“, рече министерот за надворешни работи.

    Муцунски кажа дека оваа одлука на УНЕСКО за Охридскиот Регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност е значаен дипломатски успех за државата.

    „Денешната одлука на УНЕСКО е значаен чекор, но не и крај на процесот. Заедно со Албанија треба да подготвиме временски ограничена рамка за спроведување на стратегискиот план до 2030 година. До 1 февруари 2027  треба да биде доставен нов извештај за постигнатиот напредок“, рече Муцунски.

    Одлуката е донесена на денешната седница на 48. сесија што се одржува во Бусан, Јужна Кореја, а „за“ гласаа 16 земји од вкупно 21 членка на Комитетот за светско наследство. УНЕСКО го одложи впишувањето на Охрид на Листата на светско наследство во опасност врз основа на потпишаното писмо со обврски и приоритети што ги презеде Владата и Општините.

    Македонската делегација во Бусан ја води амбасадорот во Париз Игор Николов со неколку државни службеници од неколку министерства.

    Во Нацрт-одлука на Комитетот се предлагаше „Природното и културното наследство на Охридскиот Регион (Албанија, Северна Македонија) да биде впишано на Листата на светско наследство во опасност“ затоа што напредокот е недоволен и заканите се сериозни, главните ризици не се отстранети.

    На новинарско прашање кои конкретни чекори ќе се преземат понатаму, министерот рече дека има заклучоци кои што се определени од експертскиот сегмент на УНЕСКО и тие заклучоци се поврзани со повеќе прашања: урбанистичко планирање, заштита на животната средина, не само низ призмата на урбанистичкото планирање, туку и низ многу други аспекти.

    „​Дел од тие одлуки се комплексни. За дел од прашањата и многу директно разговаравме и со земјите членки коишто се членови на Комитетот.  Кај нив има разбирање дека статусот на УНЕСКО истовремено не треба да наштети на развојот на Охрид и на Охридскиот Регион. ​И тука зборувавме за прашања поврзани со клучни инфраструктурни проекти, дел од Коридорот 8 поминува во дел од тие реони. Така да, тоа што сметаме е дека  воспоставивме јасен план, имаме јасна меѓусебна координација“, рече министерот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира