Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски очекува до крајот на годинава да почне реализацијата на проектот за Брз автобуски превоз (БРТ). Ѓорѓиевски на последната седница на Советот на Град Скопје на 9 јуни, одговарајќи на советнички прашања кажа дека проектот ќе се реализира, нема откажување од него и дека се подготвува документацијата за распишување на тендерот.
Од тимот во Град Скопје кој работи на имплементација на проектот БРТ за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека месецов ќе биде распишен тендерот за претквалификација за изградба на трасата на првата линија од Ѓорче Петров од Ново Лисиче и на две депоа. По завршување на претквалификациската фаза ќе биде распишан тендер за избор на фирма за проектирање и изведба.
Од Градот велат дека одат со претквалификација за да се постават високи критериуми за фирмите кои ќе учествуваат и понуди да поднесат компании кои имаат искуство со имплементација на системи за јавен транспорт. Тие што ќе ги исполнат условите ќе учествуваат на тендерот.
Според идејното решение, едното депо ќе биде во Ново Лисиче, а другото во Ѓорче Петров каде се наоѓа базата на ЈСП „Скопје“.
„Кај депото во Ѓорче Петров се предвидува изградба на паркинг простор. Идејата е луѓето кои од другите градови влегуваат во Скопје да може тука да се паркираат и одма да се качат во автобусите на БРТ. Исто така и жителите на околните населби, Хром, Волково, Ѓорче Петров 2 од дома ќе може до тука да дојдат со кола или велосипед, и со јавен превоз за 20 да стигнат до центарот на градот, а за 35 минути до Ново Лисиче“, велат од Град Скопје
По анализа на првичното идејно решение, кое предвидуваше возилата да минуваат низ средишното зеленило, направена е измена. Сега тие ќе се движат по лентата до него или крајната брза летна. Ќе бидат одделени со нова жардинера и зеленило од средишната коловозна лента односно од останатиот сообраќај. Тоа значи дека за автомобили ќе останат две ленти и ќе нема мешање на автобусите од БРТ со останатиот сообраќај.
Кај што ќе се движи БРТ ќе нема други автобуси. Од Градот паралелно работат и на процесот на промена на автобуските линии односно откако ќе биде воведен новиот начин на јавен превоз, на пример, линијата 24 повеќе нема да вози од Кисела Вода до Тафталиџе и да минува низ центарот на градот и по булеварот „Партизански Одреди“. Ќе постои линија која ќе се движи само од Кисела Вода до центарот на градот односно до една од станиците на БРТ.
Како што велат од Градот, процесот на набавка на возилата за БРТ или автобусите ќе биде посебна постапка и таа ќе се спроведе подоцна.
„Сега ќе се спроведе тендер само за изградба на трасата, а подоцна ќе има нов тендер за автобусите. Ќе се набават 40 возила. Според направените анализи, потребни се 22 автобуси за да има возило на секои 3-4 минути. Целта е што поголем број граѓани да се откажат од колите и со јавен превоз да одат на работа. Ако граѓаните знаат дека на секои 3-4 минути ќе има автобус и точно време кога ќе стигнат на работа, сигурно ќе се одлучат за јавен превоз“, додаваат од Град Скопје.
За воведување БРТ во 2021 година одобрен е кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 70 милиони евра. Проектот за БРТ во Скопје почна да се реализира во 2020, во време на владата на СДСМ кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, а договорот за заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го потпиша тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ преку партиски прес-конференции и соопштенија остро го критикуваше проектот велејќи дека е скап и несоодветно решение за главниот град. Потоа, 4 години кога градоначалничка беше Данела Арсовска, во Советот на Град Скопје советниците од ВМРО-ДПМНЕ го блокираа проектот.
Бидејќи не се користи кредитот, државата плаќа годишна камата од 350.000 евра или за пет години дадени се 1,7 милиони евра.
А. АНТЕВСКА



