ЕДЕН МЕСЕЦ Е ПРОГЛАСЕНА ЕПИДЕМИЈА НА ГОЛЕМА КАШЛИЦА, МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО НЕ КАЖУВА КОГА ЌЕ ИМ НАЛОЖИ НА ИНСПЕКТОРИТЕ ДА ЗАБРАНАТ ПРИЕМ НА НЕВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА ВО ГРАДИНКИТЕ

    ЕДЕН МЕСЕЦ Е ПРОГЛАСЕНА ЕПИДЕМИЈА НА ГОЛЕМА КАШЛИЦА, МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО НЕ КАЖУВА КОГА ЌЕ ИМ НАЛОЖИ НА ИНСПЕКТОРИТЕ ДА ЗАБРАНАТ ПРИЕМ НА НЕВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА ВО ГРАДИНКИТЕМинистерот за здравство апелира до родителите дека најдобар начин за превенција на голема кашлица е вакцинацијата, затоа треба да ги вакцинираат своите деца. (Фото: К. Попов)

    Помина речиси еден месец како Центарот за јавно здравје Скопје прогласи епидемија на голема кашлица во градот, а министерот за здравство Илир Демири денес вели дека ги прифаќа препораките на Комисијата за заразни болести (КЗБ) за спречување на ширењето на голема кашлица (пертусис). Во соопштението од Министерството за здравство стои дека министерот ќе донесе одлука со која на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе му наложи да врши вонредни инспекциски надзори, односно увид во вакциналните потврди во градините за примена вакцина против голема кашлица, но не кажува кога ќе го стори тоа.

    Портпаролот на Комисијата, д-р Злате Мехмедовиќ вчера рече дека предлагаат да се зголеми инспекцискиот надзор на ДСЗИ во градинките со цел да се види дали се почитува препораката на Комисијата за заразни болести, да не се примаат невакцинирани и нецелосно вакцинирани деца со ДиТеПер вакцината.

    Првиот случај на голема кашлица беше пријавен на 5 јануари, а Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари прогласи епидемија на ниво на Град Скопје, по препорака на Комисијата за заразни болести.

    Директорката на ДСЗИ Рената Младеновска денес рече дека Инспекторатот ќе забрани посета во градинки на деца кои немаат примено ДТП вакцина, само доколку препораката на Комисијата за заразни болести како советодавно тело на министерот за здравство, биде прифатена и со одлука, а Министерството за здравство му наложи на Инспекторатот вршење вонредни инспекциски надзори заради увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена ДиТеПер.

    Младеновска кажа дека од почетокот на епидемијата контролата на вакциналниот статус на децата згрижени во предучилишните установи ја врши Министерството за труд и социјална политика, согласно нивната законската регулатива, што ја уредува документацијата за прием на деца во овој тип на установи, вклучувајки и доставување на потврда за вакциналниот статус.

    „Надлежноста на ДСЗИ е во делот на санкционирање на родителите кои не го вакцинирале своето дете, преку спроведување постапка за порамнување, а по добиен список од страна на вакциналните пунктови. Висината на казната за родител- старател изнесува 300-650 евра во денарска противвредност“, изјави Младеновска.

    Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кажа таа, согласно своите надлежности при вршење на редовни инспекциски надзори, не врши увид во потврдите за вакцинален статус на децата згрижени во детските градинки.

    Мехмедовиќ кажа дека до вчера се регистрирани 123 случаи на голема кашлица во цела Македонија, од кои 109 се во Скопје. Од 18 јануари до 29 февруари аплицирани се 22. 395 дози вакцини.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира