Владимир Атанасовски, поранешниот директор на УБК, кого вчера обвинетите браќа Стефан и Михаил Младеновски, како и обвинетиот Захарие Симовски го посочија како еден од организаторите на нападот на Собранието на 27 април лани, вечерва е уапсен и изнесен пред судија напретходна постапка. Обвинителката Вилма Русковска за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека Атанасовски е приведен поради исказите дадени на вчерашното судење за нападот на Собранието. Русковска вели дека за Атанасовски поднела предлог за притвор од 30 дена.
Обвинителството за организиран криминал и корупција го товари Атанасовски за кривично дело „Здружување заради непријателска дејност“ по член 324 став 1 од Кривичниот законик. Обвинетите 33 лица за нападот на Собранието се за „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
„Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вечерва донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за едно лице. Постои основано сомнение дека лицето сторило кривично дело Здружување заради непријателска дејност од чл. 324 ст.1 од Кривичниот законик.Надлежен обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување на мерка притвор. Во моментов се очекува да започне сослушување на осомниченото лице“, соопшти Обвинителството.
Атанасовски моментално не е дел од отворената предистражна постапка за главните организатори и нарачатели на организираниот напад на на Собранието. Судијата на претходна постапка во моментов одлучува за опасност од бегство на Атанасовски.
Во притвор, за друго дело, е неговиот претходник во УБК Сашо Мијалков.
На функцијата директор на УБК дојде на први септември 2016, откако Сашо Мијалков си поднесе оставка поради судирот на полициските сили со вооружена група од Косово во кумановската населба Диво Насеље, кога загинаа осуммина припадници на МВР. На функцијата Атанасовски остана до 16 јуни 2017, додека сè уште не беше почната истрага за организирањето на нападот на Собранието на 27 април и на сè што им претходело на тие настани.
- ЕКСДИРЕКТОРОТ НА УБК АТАНАСОВСКИ ГИ ЗЛОУПОТРЕБИ ПАТРИОТСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА ЗА НАПАД НА СОБРАНИЕТО, НИ РЕКОА ИВАНОВ ЌЕ ПРОГЛАСИ ВОЕНА СОСТОЈБА, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНЕТИОТ СТЕФАН МЛАДЕНОВСКИ
- ЕКСДИРЕКТОРОТ НА УБК АТАНАСОВСКИ БАРАЛ ДА СЕ ФРЛАТ БОМБИ КАЈ ШЕЌЕРИНСКА И ШИЛЕГОВ ДОМА, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНЕТ КОЈ НОСЕЛ ПИШТОЛ ПРИ НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛ
- СОВЕТНИКОТ СИНИША АЛЕКСОВСКИ СЕ ЈАВИЛ И КАЖАЛ ОТИ ИВАНОВ ЌЕ ПРЕДЛОЖИ ВОЕНА СОСТОЈБА, И ДЕКА ВОЕНА ПОЛИЦИЈА ЧЕКА НА ГОТОВС ДА ГО АПСИ РАКОВОДСТВОТО НА СДСМ, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНЕТИОТ МИХАИЛ МЛАДЕНОВСКИ ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО
С. К. ДЕЛЕВСКА