Француската државна секретарка за европски прашања Амели де Моншалан рече дека Франција во принцип не е против проширувањето на ЕУ, но бара реформи. Пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Луксембург, на новинарско прашање дали Франција ќе стави вето на предлогот за отворање преговори со Северна Македонија и со Албанија, Де Моншалан рече дека „не е дојдена да искажува став што е во линија на вето или не, туку на размена на мислења“.
„Денеска не станува збор за вето. Ќе имаме размена, размена на две нивоа. Прво, започнувањето на преговори во Европа е нешто што се подготвува. Сметаме дека мораме детално да го разгледаме процесот на преговори. Гледаме дека тој процес е фрустрирачки и бавен за земјите. Тој процес не влева доверба кај земјите-членки, бидејќи се развлекува во времето. Треба да разговараме за реформите што Европа треба да ги направи во нејзиниот пристап кон преговорите за проширување. Тоа се поглавијата што ги отвораме и ги затвораме. Тоа е како бескраен фељтон. Тој не ги исполнува очекувањата на граѓаните во земјите.“
Откако амбасадорскиот совет на ЕУ вчера не успеа да договори заедничка позиција за двете земји, односно одредување почеток на преговорите за Македонија, а во меѓувреме реформа на пристапната методологија како што бара Франција, дебатата денеска ќе ја продолжат министрите за надворешни работи. Според агенциски извори кои пренесуваат неименувани дипломати, и денеска се очекува тензична дебата во која „големото мнозинство во ЕУ се залага за почеток на преговори со двете земји“, додека Франција останува изолирана во својот став кон Северна Македонија.
„Сакам да истакнам дека Франција смета дека европската перспектива на земјите од Западниот Балканот е несомнена и никако не му се спротиставуваме на тој принцип. Меѓутоа треба да ги правиме работите на кредибилен начин за да креираме доверба и во регионот и во Европа“, рече Моншалан.
Француската министерка инсистира дека најпрво треба да се разговара за реформа на преговарачкиот процес кој го смета за предолг и неодреден.
„Дали денес мислиме дека тој е ефикасен? Ние сметаме дека не е. Многу земји го поддржуваат тој пристап, односно повторно да го ревидираме организирањето на преговорите. Потоа, веќе неколку месеци, Франција истакнува дека треба да се увериме дека реформите што беа барани како предуслов за почеток на преговорите се изгласани и се применети. Денес ќе разговараме за тоа. Повторно ќе кажам, Франција смета дека европската перспектива на земјите од Западен Балкан е оправдана. Не постои опозиција на овој принцип. Но, мораме да ги направиме работите на кредибилен начин за да изградиме доверба и во регионот и во Европа“, рече Де Моншалан.
Ако одлуката за Македонија не се донесе на денешниот состанок на министрите за надворешни работи, последна шанса е самитот на лидерите в четврток и петок во Брисел. Клучниот збор таму ќе го има францускиот претседател Емануел Макрон. Главни теми на агендата на самитот ќе бидат Брегзит и војната во Сирија.