ЃОРЃИЕВСКИ ГО ПРОДОЛЖУВА БРТ ПРОЕКТОТ ПОЧНАТ ОД ШИЛЕГОВ, КОЈ ПРВО АРСОВСКА, А ПОТОА И СОВЕТНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ГО БЛОКИРАА

    ЃОРЃИЕВСКИ ГО ПРОДОЛЖУВА БРТ ПРОЕКТОТ ПОЧНАТ ОД ШИЛЕГОВ, КОЈ ПРВО АРСОВСКА, А ПОТОА И СОВЕТНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ГО БЛОКИРАААрсовска прво рече дека нема да го продолжи проектот, но откако се скара со ВМРО-ДПМНЕ, се премисли, но советниците на ВМРО-ДПМНЕ не ја гласаа точката за негово продолжување, со што го блокираа проектот. (Фото: Фејсбук)

    Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски ќе го продолжи проектот Брз автобуски превоз (БРТ), кој беше почнат во време на ексградоначалникот Петре Шилегов, но стопиран во мандатот на Данела Арсовска и блокиран од советнците на ВМРО-ДПМНЕ. За овој проект, Владата во времето на СДСМ зеде кредит од Европската банка за обнова и развој од 70 милиони евра.

    „Со ребалансот на буџетот, кој наредната недела ќе биде на дневен ред на седница на Советот на Град Скопје, ќе биде предвиден и БРТ проектот, за да почнеме со негова реализација. Со тоа започнуваме со решавање на сообраќајнот хаос во градот поврзан со немањето алтернатива“, рече Ѓорѓиевски пред два дена на промоцијата на 55-те нови автобуси на приватните превозници, кои најави дека од понеделник ќе бидат во сообраќај.

    Кога дојде на функција, ексградоначалничката Арсовска како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, го стопираше проектот, односно го поништи меѓународниот тендер за изградба на БРТ, распишан во времето на Шилегов. Таа тогаш рече дека нема да го прави бидејќи тоа не го ветила во изборната програма со која победила, туку набавка на 250 еколошки автобуси и бесплатен превоз. Потоа, откако се скара со ВМРО-ДПМНЕ, се премисли и рече дека ќе го продолжи БРТ, но советниците на ВМРО-ДПМНЕ не ја гласаа точката за негово продолжување, со што го блокираа проектот.

    Советнциите на ВМРО-ДПМНЕ од говорницата велеа дека не знаат зошто се продолжува со овој проект кога тој не беше дел од програмата на Арсовска „За модерно Скопје“.

    „Како советници, имаме оскудни информации. За да одлучам дали и како ќе гласам, барам одговори дали Арсовска репреговараше и ги надмина надостатоците на проектот, дали е истиот проект на Шилегов и дали автобусите ќе возат на гас, ЦНГ или ќе бидат електрични. Дали ќе се гради нов мост ‘Обединети нации‘ и од каде ќе се најдат пари, дали ќе се уништи средишното зеленило, дали ќе се уништи паркот во Ново Лисиче, дали ќе се формира ново јавно претпријатие?“, рече тогашниот советник од ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски на 23 ноември 2023, кога Арсовска за првпат ја стави оваа точна на дневен ред.

    Ѓорѓиевски во изборната кампања велеше дека штом ќе дојде на функција, веднаш ќе го продолжи Брзиот автобуски провоз. На прашањето зошто сега проектот е добар, кога ВМРО-ДПМНЕ во времето на Шилегов го критикуваше, а во времето на Арсовска не гласаше за негово продолжување, Ѓорѓиевски кажа дека тој лично никогаш не го критикувал овој проект и дека ќе го продолжи до Драчево.

    Поранешното раководство на Градот предводено од Петре Шилегов работеше на проектот околу три години заедно со експерти на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Притоа, со средства од ЕБОР во висина од 75.000 евра се направени истражувања и изработка на студијата, во што учествуваа сообраќајни експерти од земјава и странство.

    Со буџетски пари од Градот, врз основа на истражувањата и студијата, се правеше проектот за првата траса од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, за што беа потрошени 95.000 евра. Проектот го правеа група на понудувачи – Друштво за трговија и проектантски услуги „24 ИНГ“ ДООЕЛ увоз-извоз од Битола и Трговско друштво за проектирање инженеринг и консалтинг „Прима инженеринг“ од Скопје.

    Потоа во април 2021 беше потпишан договорот со ЕБОР за наменски кредит од 70 милиони евра за изградба на двете траси од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода.

    „Проектот ќе ги поддржи напорите на Градот во справувањето со предизвиците на јавниот превоз на поефикасен и структуриран начин, преку подготовка и имплементација на одржлив урбан план на мобилност. Справување со загадувањето во Скопје е приоритет и ја поздравуваме посветеноста на властите за одлучна и брза акција, каде што ЕБОР стои подготвен за целосна поддршка, што се покажува и со денешното потпишување на овој проект”, кажа на потпишувањето на заемот претставникот на ЕБОР во земјава Анди Аранитаси.

    Во јули 2021 проектот ѝ беше презентиран на јавноста и беше кажано дека возилата ќе се движат по посебна лента која ќе биде во средишните жардинери, а ќе биде одвоена од лентите за сообраќај со зеленило од двете страни. Станиците ќе бидат од затворен тип, што значи наплатата ќе се врши во нив по принципот на метро станиците, а не во автобусите. Со тоа, пократко ќе биде задржувањето на патниците и ќе се овозможи поголема брзина на возилата. Од Ново Лисиче до Ѓорче Петров ќе се стасува за 30 минути.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира