ГРАД СКОПЈЕ ЗА ПРВПАТ НЕ ГИ ОБЈАВИ ДОБИТНИЦИТЕ НА НАГРАДАТА „13 НОЕМВРИ“, НЕМА ИНФОРМАЦИЈА НИ ЗА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ПРАЗНИКОТ

    ГРАД СКОПЈЕ ЗА ПРВПАТ НЕ ГИ ОБЈАВИ ДОБИТНИЦИТЕ НА НАГРАДАТА „13 НОЕМВРИ“, НЕМА ИНФОРМАЦИЈА НИ ЗА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ПРАЗНИКОТЛани за првпат градоначалничката Данела Арсовска не им ги врачи наградите на добитниците; - Од церемонијата во 2021. (Фото: МИА)

    Град Скопје за првпат не ги објави добитниците на највисоката градска наградата „13 Ноември“ која се доделува по повод Денот на ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор, а ја врачува градоначалникот на градот. Единствената информација што може да се најде е соопштението на Културно-информативниот центар (КИЦ) на нивната фејсбук страна во кое Центарот ја објавува програмата по повод свеченото доделување на наградите кое ќе биде вечерва во 19 часот во Националната опера и балет (НОБ).

    Со одлука на Одборот за доделување на наградата од 30 мај, беше објавен конкурсот на сајтот на Град Скопје и беше отворен до 10 септември. Вообичаено, добитниците на наградата официјално се објавуваат во почетокот на ноември. Наградата „13 Ноември“ на Градот Скопје се доделува на физички и на правни лица како знак на признание на Градот Скопје за остварувања во стопанството, науката, публицистиката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Македонија и во светот.

    Лани, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на почетокот на својот мандат не дојде на свеченоста за доделување на 13-Ноемвриските награди, па таа не им ги врачи наградите на добитниците туку тоа го сторија од жири комисијата, а не присуствуваше ни на свеченоста во Филхармонија, која покрај со врачување на наградите се одбележа со балетска претстава посветена на ослободувањето на градот пред 77 години. Ова беше првпат градоначалник на Скопје да не ги врачи наградите.

    Град Скопје годинава нема никакава официјална објава за прославата на 13 Ноември и 78 години од ослободувањето од фашизмот, информација за агендата не е објаена ниту на официјалната веб страна и на фејсбук страната на Град Скопје и на градоначалничката Данела Арсовска, ниту пак се испратени покани или вест до медиумите.

    САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати до прес-службата на Градот со прашање зошто годинава ниту се објавени добитниците на 13-Ноемвриската награда, ниту има каква било информација за одбележувањето на најголемито празник на градот, но досега не добивме одговор.

    Градот годинава за првпат не покани медиуми ни на одбележувањето на Денот на пожарникарите.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира