ИСТРАЖИТЕЛИТЕ КОИ РАБОТЕА НА СЛУЧАИТЕ „БЕСА ТРАНС“ И ПАСОШИТЕ ЗА СВЕТСКИ КРИМИНАЛЦИ, ТРГНАТИ ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО

    ИСТРАЖИТЕЛИТЕ КОИ РАБОТЕА НА СЛУЧАИТЕ „БЕСА ТРАНС“ И ПАСОШИТЕ ЗА СВЕТСКИ КРИМИНАЛЦИ, ТРГНАТИ ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТОЗа да не остане одеднаш без пет истражители, Абази и обвинителите на колегиум разгледувале опција дел од тие со истечен договор да продолжат во Обвинителството за гонење организиран криминал, меѓу кои не се тие за „Виа комерц“ и за пасошите. (Фото: СДК.МК)

    Истражителите кои работеа на предистрагата против станицата за технички преглед на компанијата „ВИА КОМЕРЦ Џемаљ“, во која бил регистриран автобусот на „Беса транс”, но и по пријавата против министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со непотпишување на забраната за работа на „Беса транс“, се тргнати од Истражниот центар на Обвинителството за организиран криминал.

    Од Истражниот центар е тргната и вратена назад во МВР и истражителката која успешно работела на случајот со издавањето на македонски пасоши на светски барани криминалци, странски државјани, за кој има пресуда.

    На нивно место се ангажирани нови истражители.

    За станицата за технички преглед на компанијата „ВИА КОМЕРЦ Џемаљ“, во која бил регистриран автобусот на „Беса транс”, на 25.08.2021 било издадено предлог-решение за забрана за работа. Спасовски, наводно, со месеци не го потпишувал решението. Го потпишал, наводно, три дена по катастрофалната несреќа во Бугарија што се случи на 23 ноември 2021, во која изгореа 46 македонски државјани.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК,  шефот на ОЈО за организиран криминал Ислам Абази одговори дека на овие избрани истражители мандатите од една година, плус двете години можност да останат во Истражниот центар, им завршиле на 7 февруари 2023. Тие веќе се вратени на своите работни места во МВР, што им биле во мирување.

    Станува збор за четворица истражители од МВР и еден од Финансовата полиција.

    Во декември 2019 по барање на Јавниот обвинител на Македонија,  МВР, Царинската управа и Управата за финансиска полиција распишале внатрешни огласи за пријавување на нивните вработени за вршење работа на определено време на правосудна полиција – истражители во Истражен центар.

    „Врз основа на доставените пријави, ЈОРСМ во февруари 2020 година донесе одлука за избор на истражители за работа во истражните центри. Притоа во истражниот центар на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, со одлука на Државниот обвинител, беа избрани 4 кандидати од МВР и 1 кандидат од Управата за финансиска полиција, за вршење работи на определено време во траење од 1 година, со можност времето за вршење работи да биде продолжено за уште две години.  Согласно наведената одлука по истекот на продолжениот временски период, на овие избрани истражители мандатот им заврши на 7.2.2023 година, со што тие се вратија на своите работни места што им беа во мирување“, вели Абази во одговорот.

    Покрај петмината наведени истражители, обвинителството во наведениот период дополнително ангажирало и 11 истражители согласно член 50 вв член 46, член 48 и член 49 од Законот за кривична постапка.

    Со оглед на ваквата состојба, со која Истражниот центар би останал без пет истражители, Абази пред 7 февруари годинава одржал неколку колегиуми на кои со јавните обвинители од Обвинителството за гонење организиран криминал ги разгледувал можностите за ангажирање нови истражители и задржување на оној дел од истражителите кои покажале ефективност и ефикасност во работењето.

    „По донесената одлука од страна на колегиумот и меѓуинституционалната соработка, Истражниот центар е екипиран со нови истражители од Министерството за внатрешни работи, а во скоро време ќе биде доекипиран и со истражители од другите институции“, велат од Службата за односи со јавност, и додаваат: „Истражителите за кои покажувате интерес беа со мандат до 7.2.2023 година и немаше можност за негово продолжување“.

    Истражниот центар во Обвинителството за организиран криминал и корупција треба да брои 8 припадници на МВР, 3 од Управата за финансиска полиција, еден од Царинската управа, 4 јавнообвинителски службеници, 2 јавнообвинителски референта-записничари и 1 преведувач од македонски на албански.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира