„Добив стотици пораки од загрижени луѓе“, вели Игор Џамбазов по лажната објава на социјалните мрежи дека истепал група фармацевти и ги нарекол бандити во бели мантили. Во видеото, создадено со вештачка интелигенција кое се шири на социјалните мрежи, е измонтирана и фотографија од Џамбазов како наводно го апси полиција, по како што се вели „скандалот по кој актерот се најде во центарот на вниманието“.
„Јас сум отрпнат од овие работи, речиси и да немав реакција кога видов. Ама тоа не важи и за тие што вистински ме сакаат и почитуваат, особено моите најблиски“, ни рече актерот.
Во видеото, се слуша измонтиран глас сличен на актерот кој раскажува како за малку ќе завршел во инвалидска количка, и измонтирана фотографија од Џамбазов како седи во количката.
„Јас сум Игор Џамбазов, имам 61 година, пред три години бев на работ на инвалидска количка. Не можев повеќе да ги правам работите што ми носеа радост. Ненадејни и остри болки во грбот ме тераа да паѓам на колена. Болката ме следеше на секој чекор и секој ден стануваше полошо. Лекарите поставија дијагноза, артритис и компресија на нервите на пршлените. Ми препишаа силни лекови против болки и инјекции, масажи и терапија. Потрошив стотици илјади денари без никаков резултат. По две години, сериозно почнав да размислувам за преселба во дом за стари лица“, е дел од лажната измонтирана изјава во видеото. Потоа, гласот кој е наводно на Џамбазов вели дека доктор Илир Демири го извлекол од инвалидската количка, и затоа се спротиставува на оние кои сакаат да го забранат неговиот третман.

Во видеото се појавува измонтирана слика на која сличен човек на Џамбазов е наводно во инвалидска количка (Фото: Принтскрин од Инстаграм )
„Кој и да е надлежен под итно да преземе нешто. Го објавив видеото за да престане ова. Можеби се некои деца, а можеби се и сајбер криминалци. Сериозна е работата“, вели Џамбазов.
Објавата ја вознемири неговата сестра, Татјана Џамбазова, архитектка која живее во Америка.
„Добив срцев напад, има ли адреса од која е пуштено да се пријави?“, напиша Џамбазова во коментар.
„Е, не сте нормални, вие што го смисливте ова. Колку што јас бев во инвалидска количка, толку вие да бидете среќни и успешни луѓе! Имате ли ум вие воопшто? Оти мозок немате, евидентно. И да, заборавив. Срам да ви е! И арам! Башка од авион се гледа дека ‘тепачот’ е Тони Михајловски, не сте се потрудиле баш. Ни ова не знаете да го направите ко што треба. Бедници“, напиша актерот на Инстаграм.
Слично видео пред неколку дена се појави и за неговиот колега Тони Михајловски кој наводно истепал пратеници.
„Рекламата со мене за некаков лек за било што е лажна. Вештачка интелигенција. Освен делот во некое собрание кај што ‘тепам’ некои пратеници (се смее). Едноставно, сечено, лепено и монтирано. Не наседнувајте на сѐшто ќе се исправи пред вас“, вели Тони Михајловски.
Во слично виео како ова со Џамбазов, создадено со ветачка интелигенција, неодамна беше злоупотребен и имунологот д-р Александар Петличковски кој беше претседател на Комисијата за заразни болести.
Злоупотребата на јавни личности, лекари или експерти со измислени изјави и интервјуа, во лажни реклами за разни производи, најчесто за лекови, зачести изминативе две години на социјалните мрежи. Меѓу нив беше злоупотребена фотографија и на епидемиологот д-р Никола Паноски за реклама на лажен лек за варикозни вени.
Реагираше и Лекарската комора, која побара од Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи „итно да постапуваат и да ја спречат злоупотребата на професионалниот интергитет и авторитет на лекарите во функција на лажно рекламирање на непроверени форми на медицински препарати, лекови, додатоци во исхрана, методи или помошни средства за лекување, што се сè поприсутни на интернет порталите и на социјалните мрежи“.
М. ЏАРОВСКА